Усеини: Ако нема селективност, јас сам ќе ја урнам мојата тераса што не е дивоградба


Дивоградби во Охрид се градат години наназад. Тие 1401 дивоградба не се од лани, туку станува збор за објекти што се градени десетици години наназад. Нека почне уривањето на дивоградбите, но на сите објекти, неселективно, а мојата пицерија, за која тврдам дека не е цврста градба туку монтажен објект сам ќе го урнам. Ова денеска го изјави Нефи Усеини, советникот на ДУИ во Советот на Општина Охрид, сопственик на оспоруваниот објект кај стариот чинар и на база за бетон на излезот од градот на стариот пат кон Струга.

Усени во изјавата рече дека против него се води политичка хајка, преку истакнување на неговите објекти како дивоградби во медиумите, а се премолчуваат, вели, слични објекти низ целиот град, на крајбрежјето и во заштитената зона на Галичица.

– Треба прво да се уриваат дивоградби што се на крајбрежјето и се проблем за УНЕСКО, да се отстранат дивоградбите во Националниот парк Галичица, а потоа нека дојдат во центарот. Да нема селективност, да се урива по ред, а мојата пицерија сам ќе ја урнам, независно што поседувам уредна документација и дозвола за поставување урбана опрема на таа локација, рече тој.

Усеини рече дека се лажни информациите за наводно „чешлање“ на документацијата на фирмата „Нефи-ИК“ во врска со сопственоста на земјиштето каде се наоѓа бетонската база, тврдејќи дека четири надлежни лица вршеле проверка на вработените, односно дали тие работат легално.

Советникот Усеини уште рече дека немало никаков договор меѓу него и локалната власт, односно Владата пред локалните избори, оти станува збор за документ со кој се утврдува коалицирањето на партиите СДСМ и ДУИ за заеднички настап на локалните избори, а во насока на правична застапеност на помалите заедници во администрацијата, односно за вработување лица од албанска, ромска, турска националност во градската администрација и градските јавни претпријатија.