Усеин Болт – ниту најбрзиот човек на светот не му „побегна“ на корона вирусот


Ниту најбрзиот човек на светот, Усеин Болт (34) од Јамајка, не му „побегна“ на корона вирусот.

Поранешната атлетска суперerѕвезда е позитивен на корона вирусот, јавуваат јамајканските медиуми. Засега не е јасно дали има симптоми, но следните две недели ќе ги помине во самоизолација.

Пред неколку дена во родната Јамајка, Болт го прослави својот 34 роденден со забава со изненадуваања организирана од неговата долгогодишна партнерка Каси Бенет.

На роденденската забава присуствувале голем број познати личности како што се англиската фудбалска ѕвезда Рахим Стерлинг од Манчестер Сити и напаѓачот на Баер Леверкузен, Леон Бејли.

По се изгледа се заразил на забавата.

Светскиот рекордер на 100 (9,58) и 200 (19,19) метри во мај годинава стана татко на девојчето Олимпија Лајтинг и оттогаш ужива во татковството.

Болт е единствениот спринтер во историјата што освои златни медали на 100 и 200 метри на Олимписките игри три пати по ред. Тој најпрво успеа во 2008 година во Пекинг, а потоа го повтори истото во 2012 година во Лондон и во 2016 година во Рио де Жанеиро.

Тој освои вкупно осум олимписки златни медали. Болт ја заврши кариерата во пресрет на неговиот 31 роденден, по Светското првенство 2017 година во Лондон, каде во неговата последна трка, штафетата од 4 × 100 метри, го повреди бутниот мускул и стигна до финишот со помош на колегите од националниот тим.

Така, тој остана на 11 светски титули, две сребрени и една бронза освоени на последното СП во трката на 100 метри.