УСАИД промовира прекугранична економска соработка во Западен Балкан


УСАИД денеска одржа регионална конференција за зајакнување на прекуграничната соработка во регионот на Западен Балкан и на ЦЕФТА, во рамки на ЦЕФТА Неделата 2021 година, во партнерство со ЦЕФТА, Транспортната заедница, Групацијата на Светска банка и Министерството за економија на Северна Македонија.

– Учесниците од земјите на Западен Балкан и ЦЕФТА разговараа за напорите за подобрување на регионалното економско интегрирање како начин за поттикнување на економскиот раст низ целиот регион. Дискусиите се фокусираа на глобалните стандарди и најдобрите практики за воспоставување на заеднички гранични премини и заеднички контроли, кои ќе го забрзаат времето потребно за движење на стоките преку граница. Зголемувањето на ефикасноста на трговијата низ регионот помага да се изградат посилни, поодржливи и подобро поврзани економии, со што се отвораат поголеми економски можности и се подобруваат животите на граѓаните, информираат од УСАИД.

На присутните им се обратија претставникот на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија Ерик Јановски, директорката на Царинската управа на Северна Македонија Славица Кутиров, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ, директорот на Секретаријатот на Транспортната заедница Матеј Закоњшек и претставничката на Групацијата на Светска банка Виолејн Конар – Лиси.

– Олеснувањето на прекуграничната трговија во регионот ќе им помогне на локалните бизниси да се прошират, ќе го поттикне претприемништвото и ќе создаде повеќе можности за секого – без разлика дали живеете во Северна Македонија или Молдавија, рече Ерик Јановски, претставникот на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.

Конференцијата беше организирана од Проектот на УСАИД за економски развој, владеење и раст на претпријатијата (EDGE), кој работи со владите и приватниот сектор за да создаде инклузивен, одржлив економски раст во Европа и Евроазија и да ја поддржи интрарегионалната и евроатлантската интеграција.