УСАИД ѝ помогна на Пелагонија да се развива

Битола, Демир Хисар, Новаци и Могила во изминатите неколку години реализираа повеќе проекти поддржани од УСАИД. Градоначалниците се благодарни на оваа помош


УСАИД врешеше обука на администрацијата во општина Могила

 

БИТОЛА – Најголем дел од пелагониските општини имале и имаат реална корист од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), без оглед дали поддршка била во вложени парични средства за изградба на водоводи, канализации, финансирани проектни документации за инфраструктура, обуки за вработените во општинската администрација.

Со исклучок на Ресен, останатите пелагониски општини – Битола, Демир Хисар, Новаци и Могила во изминатите неколку години реализираа повеќе проекти поддржани од УСАИД, а дел од општините биле вклучени и во еден ист проект кој во повеќе фази ги опфати речиси сите општини во државата.

Од Општина Битола, како најголема во регионот велат дека во изминатиот период реализирале добра и успешна соработка со УСАИД, при што биле направени повеќе активности како дел од проектот „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“, што не вклучувало директна финансиска поддршка, но овозможило солидна експертиза во повеќе области.

„Со поддршка од УСАИД се овозможи обука на општинската администрација и зголемена ефикасност во управувањето, при што со ангажираност на сопствените ресурси, општината изготви Стратегија за локален економски развој, Урбана ревизија, Процедура за внатрешна комуникација, воведе зголемена транспарентност во буџетското планирање преку организација на буџетски форуми, подобрување на управувањето со планирање и прибирање на општинските извори на приходи, управување со јавните финансии, извршување на буџетот, фискална транспарентност и отчетност и други активности кои ја зголемуваат ефективноста и ефикасноста на администрацијата“, велат од општина Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски наведува дека „согласно добиените известувања, активностите во рамките на проектите поддржани од УСАИД во период од 85 дена од добивањето на известувањата се откажани“ – па додава: „За нивно продолжување ќе бидеме известени од директните корисници на проектите.“

„Во постапка е и друга експертска поддршка, меѓу која и изготвување на проектна документација и технички спецификации и енергетски контроли за подобрување на енергетска ефикасност на јавните згради, а локалната самоуправа, истовремено е партнер и на неколку граѓански организации во спроведување на нивните активности поддржани од УСАИД“, рече Коњановски за „Независен“. 

Градоначалникот на општина Демир Хисар, Никола Најдовски, смета дека секоја реална поддршка во општината што го подобрува животот на граѓаните е добредојдена. Само пред еден месец УСАИД реализира проект значаен за инфраструктурата во општината во кој вложи над 16 илјади евра.  

„Во изминатите три години откако јас сум градоначалник со поддршка на УСАИД  реализиравме проект за изработка на проектна документација. Конкретно, проектот беше во делот на подобрување на инфраструктурата во општина Демир Хисар – документација за изградба на улици и реконструкција. Проектот го реализиравме во целост  и средствата се  исплатени пред околу еден месец. Проектот беше со финансиска поддршка од 1 милион денари. Ваква поддршка во општина Демир Хисар е добредојдена“, изјави градоначалникот Најдовски  за „Независен“. 

Во пелагониската општина Новаци во моментов немаат проект што се работи поддржан од УСАИД, но во изминатиот период откако е градоначалник Стевче Стеваноски, општината била вклучена во проектот „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“, кој заврши неодамна.

„Со УСАИД соработувавме до неодамна на проект посветен на создавање ефикасни и ефективни институции на локално и национално ниво, со цел испорака на услуги до своите граѓани. Проектот на УСАИД беше во насока на намалување на корупцијата и јакнење на транспарентноста на властите. Унапредување на квалитетот на даночниот систем, јакнење на оперативните капацитети за администрирање на локалните даноци и такси, како и подобрување на способноста на локалната самоуправа да планира, управува и реализира јавни приходи. Проектот го работевме 18 месеци, почнувајќи од јуни 2022 година“, вели градоначалникот на Новаци, Стеваноски. 

И општина Могила била вклучена во проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите со други општини од регионот.

Градоначалникот Драганчо Саботковски вели дека проектот поддржан од УСАИД овозможил низа на придобивки за општината. 

„Како резултат на партнерството, остваривме резултати: зголемена наплата на приходи од сопствени извори и зголемена наплата на данокот на имот. Ажурирана е базата на податоци за данок на имот со поддршка на практикант, за чиј ангажман проектот на УСАИД обезбеди финансиски средства за период од шест месеци. Подобрена е транспарентноста, за што сведочат анализите“, наведува Саботковски.

За разлика од останатите општини од Преспанско-пелагонискиот регионот, градоначалникот на Ресен, Јован Тозиовски, изјави дека во последните три години немале реализирано проекти со поддршка на УСАИД.