Урсула фон дер Лајен ќе ги претстави кандидатите за нови еврокомесари


Белгија – Новоименуваната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ќе ги претстави кандидатите за нови еврокомесари и нивните задолженија.

Областа на политиката за проширување на Европската унија може да ја добие комесар кој доаѓа од земја на Вишеградската група или од Југоисточна Европа.

Словенечкиот дипломат Јанез Ленарчиќ и поранешниот унгарски министер за правда Ласло Трохани се двете најчесто споменувани имиња за новиот комесар за проширување на ЕУ. Се споменува и грчкиот претставник, досегашниот портпарол на Европската комисија, Маргаритис Шинас.

Како што пренесуваат светските агенции, иако Фон дер Лајен ја заклучи листата на комесари кои во наредните пет години треба да го претставуваат нејзиниот тим, еден ден пред закажаната конференција и официјалното објавување на распределбата на функциите во новиот состав на ЕК во Брисел немаше конкретни информации кој ќе биде задолжен за ЕУ политиката.

За идните комесари и нивните функции ќе расправа и Европскиот парламент.