Урсула фон дер Лајен доаѓа во Скопје на крајот од октомври


Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Скопје на 27 октомври 2022 (Фото: Б. Грданоски)

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја посети Македонија  до крајот на месецот, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој додаде дека имало такави најави и од францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше во посета на Албанија по Самитот на Берлинскиот процес.  Претходно во една телевизиска емисија претседателот Стево Пендаровски изјави дека Фон дер Лајен доаѓа на 29 октомври.

„Претседателката на Европската комисија ќе ја посети Македонија, до крајот на месецов, а претседателот Макрон неколку пати изрази желба и тоа јавна дека во некоја од неговите посети ќе ја посети нашата земја. Јас имав неколку средби со него, како и претседателот на државата“, рече Ковачевски, кој беше во посета нa компанијата „Вивакс“.

Урсула фон дер Лајен беше во Македонија пред точно една година, на 27 октомври 2022.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија и Албанија ќе бидат одвоени на декемврскиот самит на ЕУ, Ковачевски рече дека ние еднаш се разделивме од Хрватска кога не носевме одлуки и оти истите тие кои не ги носеа одлуките сега се против одлуките за европските интеграции. Ние со Хрватска, додаде тој, почнавме заедно, тие се сега дел од ЕУ, воведоа евро и се дел од Шенген зоната. 

Зборувајќи за позицијата на Франција рече дека таа е за проширување во овој геополитички момент во Европа.

„Ако погледнете во однос на поддршката која ја дава Франција тогаш да не заборавиме дека нашиот предлог за преговарачка рамка е изработен во рамки на француското претседателство по цели 17 години чекање така што ако зборуваме за курсот на Франција за проширувањето тогаш од сите изјави на претседателот Макрон и од министри кои ја посетија Македонија се работи за држава која е за проширување во овој геополитички момент во Европа“, рече премиерот Ковачевски.