Уривањето на Универзалната сала стана тема за политичка кавга


Фото: Б. Грданоски

Најавата дека се планира уривање на Универзалната сала предизвика меѓупартиска пресметка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.  Најпрво лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека уривањето на оваа сала не е опција, бидејќи таа не е само објект туку и симбол на Скопје што буди спомени.

„Универзалната сала е плод на солидарноста и еден од симболите на Скопје. И Скопје не секогаш ги имало најдобрите решенија, но секогаш имало душа и срце за големи работи. Салата не е само објектот, туку и спомените на скопјани и нема роден скопјанец чиешто детство и младост не се поврзани со Универзалната сала. Затоа нејзиното рушење не е опција. Ако некој сака да остави белег во Скопје, тогаш тоа нека бидат работите кои ќе ги создаде за Скопје, а не оние кои ќе ги руши“, вели Мицкоски.

Актерката Јелена Жугиќ пак побара од Шилегов да и одговори на јавноста дали зад рушењето на Универзална Сала се кријат и некои бизнис интереси.

-Локацијата на салата е во истата градска четврт во која се наоѓа и кругот на поранешната фабрика Треска, каде со измена на градежниот урбанистички план) се планира да се изградат 50 нови згради. За да може стамбениот комплекс да се реализира ќе треба да биде застапен и соодветен процент на зеленило, па можеби ете процентот ќе биде исполнет со паркот на местото на концертната сала!? Дали Универзална Сала станува жртва на бизнис интересите на градската и извршната власт, праша таа.

Од СДСМ пак реплицираа дека лицемерието и партиското профитерство беше и останува главна одлика на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.

-Крајно несериозно и лицемерно е за планирањето на Скопје да зборува некој кој уста не отвори кога градот го облекуваа во фасади од барок и стиропор.Истиот тој Мицкоски молчеше кога се менуваа фасадите на улица Македонија. Молчеше  и за зградата на ЕЛЕМ за време на неговото директорување. Разликата е огромна. Додека ВМРО-ДПМНЕ узурпираше и ниту еднаш не ги праша граѓаните за мислење, СДСМ е отворена и заедно со граѓаните носи решенија.ВМРО-ДПМНЕ поставуваа споменици сред ноќ, тајно, а СДСМ работи транспарентно, отчетно и отворено.

ВМРО-ДПМНЕ ќе остане партијата симбол на расипништво. Доказ за тоа се градбите на ВМРО-ДПМНЕ кои чинеа милиони, а денес се распаѓаат.Наспроти ова расипничко однесување, СДСМ е партијата која покажа како домаќински се работи исклучиво во интерес на граѓаните и на државата. Сѐ што прави СДСМ прави заедно со граѓаните, сѐ што прави СДСМ трае и служи долго, реагираа од СДСМ.