Ураганот Отис го оштети системот за рано предупредување за земјотреси во Мексико


 Ураганот Отис го оштети системот за рано предупредување за земјотреси на мексиканскиот брег на Пацификот, соопшти операторот со сензорот.

Комуникацијата со најмалку 27 од околу 100-те сензори на мрежата за сеизмичко набљудување е прекината. Доколку се случи силен земјотрес во близина на оштетените сензори, населението не може да се предупреди навреме да преземе соодветни мерки на претпазливост, пренесе ДПА.

Инженерите се подготвени за поправки, но важни сообраќајни правци во регионот се во прекин поради оштетувањата од Отис.

Според локалните медиуми, најмалку едно лице загинало во невремето. Еден рибар загинал на брегот додека се обидувал да го заштити својот чамец, јави телевизијата Форо.

Бурата од петта категорија, највисок интензитет на скалата Сафир-Симпсон, го погоди југозападниот брег на Мексико рано вчера во близина на познатото приморско одморалиште Акапулко – со постојани ветрови од речиси 270 километри на час и налети до 330 километри на час.

Подоцна Отис беше намален на тропска бура.

Телефонските и интернет врските беа во прекин, а повеќе од половина ден подоцна пристанишниот град се уште беше отсечен од надворешниот свет. Точниот обем на штетата се уште не е познат.