Ураганот „Ијан“ направи штета во Флорида од десетици милијарди долари
Флорида, Северна и Јужна Каролина денеска се обидуваа да се опорават од уништувањето предизвикано од ураганот „Ијан“, откако една од најмоќните бури што некогаш го погодила континенталниот дел на САД предизвика штета од десетици милијарди долари и смрт на повеќе од 20 луѓе.
„Ијан“ слабее, но сепак се прогнозира дека ќе создаде неизвесност во делови од Каролина, Вирџинија и Западна Вирџинија до сабота изутрина (по локално време), според Националниот центар за урагани.
„Опасните бранови, поројните поплави и силните ветрови продолжуваат“, се вели во соопштението.
Ураганот во средата го зафати брегот на Заливот на Флорида, претворајќи ги крајбрежните градови во зони на катастрофа. Вчера го погоди крајбрежниот Џорџтаун, северно од историскиот град Чарлстон, Јужна Каролина, со ветрови од 140 км/ч. Патиштата беа поплавени и блокирани од дрвја, а оштетени се и голем број столбови.
Осигурителните компании се подготвуваат да исплатат отштета од 28 до 47 милијарди долари, што може да биде најскапата бура на Флорида од ураганот „Ендрју“ во 1992 година.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера прогласи состојба на катастрофа, според која федералните ресурси ќе бидат достапни за местата погодени од невремето.