Управува ли Кина со Панамскиот канал?


 

За време на инаугуративниот говор, американскиот претседател Доналд Трамп го повтори тврдењето дека Кина го контролира Панамскиот канал.

„Кина го води Панамскиот канал, а ние не ѝ го дадовме на Кина. Ние ѝ го дадовме на Панама и го враќаме“, рече тој.

Панамскиот канал, долг 82 километри, минува низ централноамериканската земја и е главната врска меѓу Атлантскиот и Тихиот Океан.

До 14.000 бродови го користат каналот секоја година како траса за патување кое инаку би барало долго и скапо заобиколување низ Јужна Америка.

Што рече Трамп за каналот?

Спомнувањето на Панама во неговото инаугуративно обраќање не е првпат за Трамп да се фокусира на централноамериканската земја и нејзиниот прекуокеански канал.

На Божик, Трамп објави на социјалните мрежи дека „прекрасните војници на Кина со љубов, но незаконски управуваат со Панамскиот канал“. Тоа тврдење беше брзо демантирано од официјални лица во Панама Сити и Пекинг.

Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино го опиша тврдењето како „глупост“, нагласувајќи дека нема „апсолутно никакво кинеско мешање“ во каналот.

Трамп, исто така, се закани дека насилно ќе го преземе каналот, наведувајќи ги „преголемите“ такси што наводно им се наплаќаат на американските бродови да минуваат низ каналот. И тоа тврдење беше отфрлено од панамските власти.

По инаугуративното обраќање на Трамп, претседателот Мулино повтори дека „нема присуство на ниедна нација во светот што се меша“ во нивната администрација на Панамскиот канал.

Со стратешкиот воден пат, низ кој минува околу 5% од светскиот поморски сообраќај, управува Управата на Панамскиот канал, агенција на панамската влада, а не кинески војници.

Сепак, неточното тврдење на Трамп ја одразува загриженоста кај некои американски официјални претставници за значителните кинески инвестиции во каналот и неговата околна инфраструктура.

Историја на Панамскиот канал

Историски гледано, САД играа клучна улога во изградбата и управувањето со каналот што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан.

По неуспешниот обид на Французите да го изградат, САД ги обезбедија правата за реализација на проектот. Неговата изградба е завршена во 1914 година.

Каналот остана под контрола на САД до 1977 година, кога тогашниот претседател Џими Картер потпиша договор за постепено префрлање на управувањето на Панама, што Трамп го опиша како „глупаво“.

Од 1999 година, Управата на Панамскиот Канал има единствена контрола врз работењето на водениот пат.

Договорите потпишани меѓу САД и Панама предвидуваа дека каналот ќе остане трајно неутрален. Сепак, според договорот, САД го задржуваат правото да го бранат каналот со воени средства во случај на закана.

Улогата на Кина

Нема јавни докази кои сугерираат дека кинеската влада има контрола врз каналот. Сепак, кинеските компании имаат значително присуство во регионот.

Од октомври 2023 година до септември 2024 година, обемот на кинески товар што минува низ каналот бил 21,4 отсто, што го прави втор најголем корисник по Соединетите Држави.

Во последниве години, Кина исто така инвестираше значително во пристаништата и терминалите во близина на каналот.

Две од петте пристаништа во близина на каналот – Балбоа и Кристобал – лоцирани на страната на Пацификот и Атлантикот, се управувани од 1997 година од страна на подружница на Hutchison Port Holdings.

Компанијата е подружница на CK Hutchison Holdings, конгломерат со седиште во Хонгконг. Компанијата работи во пристаништата во 24 земји, вклучувајќи го и Обединетото Кралство.

Иако компанијата не е државна сопственост на Кина, вели Рајан Берг, директор на програмата на Америка во Центарот за стратегиски и меѓународни студии, во Вашингтон постои загриженост за тоа колкава контрола може да има Пекинг врз компанијата.

Голема количина потенцијално корисни стратешки информации за бродовите што минуваат низ воден пат поминува низ овие пристаништа.

„Постои зголемена геополитичка тензија од економска природа меѓу САД и Кина“, вели Берг. „Таквите информации за товарот би биле многу корисни во случај на војна во синџирот на снабдување“.

ЦК Хачисон не одговорија на барањето на Би-Би-Си за коментар.

Тие немаа речиси никаква конкуренција на тендерите за управување со тие пристаништа, според Ендрју Томас, професор на Универзитетот во Акрон, кој напиша книга за каналот. „САД не беа премногу заинтересирани за тие пристаништа во тоа време, а ‘Хачисон‚ не наиде на никакви приговори“, вели тој.

Кинеските компании, приватни и државни, исто така го зајакнаа своето присуство во Панама преку инвестиции од милијарди долари, вклучително и терминал за крстарење и мост што ќе се изгради преку каналот.

Овој „пакет кинески активности“, како што го опишува Томас, можеби го поттикна тврдењето на Трамп дека Кина „го поседува“ каналот, но управувањето со овие пристаништа не е исто што и сопственоста, нагласува тој.

Пекинг постојано изјавува дека односите на Кина со Латинска Америка се карактеризираат со „еднаквост, взаемна корист, иновативност, отвореност и придобивки од луѓето кон луѓето“.

Кои се пошироките интереси на Кина во Панама?

Панама, поради својата стратешка локација, со години ги привлекува кинеските напори да го зголеми своето влијание во земјата и да го прошири своето присуство на континентот кој традиционално се смета за „двор“ на САД.

Во 2017 година, Панама ги прекина дипломатските врски со Тајван и воспостави официјални односи со Кина, што беше голем дипломатски успех за Кина.

Неколку месеци подоцна, Панама стана првата земја од Латинска Америка која се приклучи на Кинеската иницијатива „Појас и пат“, глобален инфраструктурен и инвестициски проект од билиони долари.

Доминиканската Република, Ел Салвадор, Никарагва и Хондурас го следеа примерот и исто така ги прекинаа врските со Тајпеј во корист на Пекинг.

Кина постепено ја прошири својата „мека моќ“ со отворање на првиот институт Конфучие во земјата и обезбедување средства за изградба на железница. Кинеските компании исто така спонзорираа „медиумска обука“ за панамските новинари. (Би-Би-Си)