Управниот суд ја поништил одлуката за избор на директор на Центарот за култура во Струмица


Управниот суд ја поништил одлуката на Министерство за култура за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“. Судот ја уважил тужбата на двете одбиени кандидатки, Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова Мансбарт и според образложението на пресудата тужбата е основана.

Одлуката на Управниот суд е донесена на 8 минатиот месец, а ја објави Иницијативата „Култура или Фискултура“, во која членуваат актери од струмичкиот театар, кои во изминатите осум месеци организираа повеќе протести во Струмица и Скопје и предупредуваа на незаконитоста на постапката за избор на директор.

Според Јасмина Мазгалиева, една од кандидатките која конкурураше за конкурсот на Министерството за култура за избор на директор, со пресудата се утврдило прекршување на постапка и тоа дава надеж дека еден дел од државата функционира и дека се враќа довербата во правосудниот систем.

Според одлуката на судот, Министерството за култура треба да ја повтори постапката за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“, каде на таа позиција беше избран Васил Бубев на 26 јануари оваа година.