Управниот суд ја одби тужбата на „Европскиот фронт“ за гласањето во Крушево


Фото: Б. Грданоски

 

Управниот суд ja одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1194  во Општина Крушево на парламентарните избори.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување во тоа избирачко место влијае на конечните изборни резултати, ДИК треба да спроведе повторено гласање 14 дена од парламентарните избори односно на 22 мај.

Ова избирачко место 1194 е во селото Бучин, каде што ВМРО-ДПМНЕ доби 268, а СДСМ 84 гласови. Еден глас доби Левица, а пет ЗНАМ.

Претходно денеска во текот на расправата, застапникот на тужителот, „Европски фронт“, Ејуп Рустеми, посочи:

„Решението на ДИК е нејасно. Сумираниот износ на искористени гласачки ливчиња е нејасно како ДИК дошле до збирот од 377 гласачи, без притоа да се земе предвид бројот од 359 потпишани гласачи во избирачкиот список. Бројот од 17 болни и изнемоштени не треба да се додава во дел IV од записникот, бидејќи тие се веќе вброени во статистичкиот податок и се добива двојна бројка“, изјави Рустеми.

Претставникот на ДИК, Катерина Василевска нагласи дека остануваат во целост на наводите од решението и одговорот на тужбата и предлагаат таа да се одбие како неоснована.

Судот го прифати барањето на тужителот да се изврши увид во избирачкиот материјал на ИМ 1194 во Крушево, при што констатираше дека се искористени вкупно 359 гласачки ливчиња, а неискористени се 110 од кои три се откинати од кочанот, но уредно поништени. Во избирачкиот список потпишани се 354 лица и 2 со отпечаток од прст. Во посебен избирачки извод од девет лица, гласале две. Во белешките е наведено дека едно лице гласало со решение од ДИК по поднесен приговор дека го нема во избирачкиот список, но тоа за него беше наведено дека нема посебен образец кој се пополнува дека гласал во ваков случај.