Управниот одбор на Стопанската комора зајакнат со два нови потпретседатели и три нови члена


Фото: Б. Богдановска

Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) на седницата минатиот четврток ги избра за нови потпретседатели на Управниот одбор Анита Блажевска (41) од  „Филип Морис ТКП“ и Ирена Јакимовска (50) од  „Комфи Ангел“. Во УО беа избрани Снежана Савиќ Димовска (45) „Пивара Скопје“ АД, Ана Таневска Ѓерѓиевска (41) од „Македонијатурист“ АД – Скопје“ и Горан Мауровски (37) од ФАКОМ АД Скопје. Во тек е постапка за вклучување на Јордан Димитровски (44) од „АИТОНИX“, Жарко Димитриоски (34) од „БД група“ и Аријана Коскаровска (34) од Креатив хаб. Исто така зајакнат е и советничкиот тим со Кристофер Сандерс од СР Германија како специјален советник на претседателот на СКСМ, Бранко Азески.

„Со тоа Комората уште еднаш покажа дека располага со значаен кадровски потенцијал, кој е потребен за новите предизвици врзани со претседавањето со Балканската коморска асоцијација; формирањето на Институтот за извоз, Берзата на трудот, Центарот за микро, мали и средни претпријатија, Тимот 40 – Асоцијација на млади претприемачи и Советот за напредни технологии“, се вели во соопштението до медиумите.

Во УО на Комората се наоѓаат и Александар Гечев, Анатол Кутрески, Зоран Милковски, Александар Манев, д-р Никица Мојсовска Блажевска, сите на возраст помеѓу 30 и 45 години.

Од Комората посочуваат дека континуираните кризи од 2008 до денес (економска, финансиска, здравствена, енергетска), го принуди подпретседателскиот тим на Комората Сашо Наумоски, Сашко Самарџиоски, Глигор Цветанов, Драгана Чифлиганец и Виктор Мизо, најголемиот дел од своето време да го поминат во своите компании и околу сопствените бизниси. Сега тие оперативно ќе помогнат и на Комората, од што бенефит ќе имаат и сите компании.