Управен суд одби 78 тужби поднесени од Левица

 Управниот суд одби 78 од поднесените 101 тужба од Левица и ги потврди одлуките од Државната изборна комисија, информираат за МИА од Управен суд.

Левица поднесе вкупно 101 тужба до Управниот суд и тие се разгледуваат на повеќе јавни расправи закажани во текот на денешниот ден.

Освен по тужбите од Левица, денеска Управниот суд има закажано јавни расправи и по тужбите од Социјалдемократска Унија, МОРО – Работничка партија и Демократи, чии одлуки ќе бидат јавно соопштени по завршување на расправите.

Тужби имаат поднесено и ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обноба на Македонија“ – две и Единствена Македонија и Коалиција „Никогаш Северна само Македонија” – една, за кои Управниот суд сè уште нема закажано јавни расправи.

Претходно денеска од Управниот суд, информираа дека тужбите поднесени од Интерга, Алијанса за Албанците и Алтернатива и едно физичко лице, се одбиваат како неосновани и се потврдуваат решенијата на Државната изборна комисија.

– Заклучно ден 22.07.2020 година, донесени се вкупно 77 одлуки од кои, 75 одлуки по тужби поднесени од тужителот Алијанса за Албанците и Алтернатива, една одлука по тужба поднесена од тужителот Интегра Македонска Конзервативна Партија, како и една одлука по тужба поднесена од тужителот Живка Арсовска и по истите донесени се пресуди со кои тужбите на тужителите се одбиваат како неосновани и решенијата на Државната изборна комисија се потврдуваат, информира Управниот суд.