УПОЗ реагира што за возила за Судскиот совет и судовите ќе се потрошат 250 илјади евра


Синдикатот на УПОЗ денеска реагираше што ќе се набават нови возила за Судскиот совет и за судовите, а не се исполнуваат барањата за зголемување на платите на судските службеници, за додатоци на плата и за регрес за годишен одмор.

– Претседателот на судскиот совет пред неколку денови објави дека Судскиот совет ќе набави две возила, едно во во вредност од 40.000,00 евра, а другото во вредност од 16.000,00 евра. Од оние податоци кои ние можевме да ги најдеме отворени се или веќе се реализирани постапки за набавка на нови возила во Врховниот суд во вредност од 16.000,00 евра, Апелациониот суд Гостивар 28.336,00 евра, Основен суд Тетово 20.000,00 евра, Основен суд Велес 16.000,00 евра, Основниот суд Скопје 2 27.000,00 евра, Апелационен суд Штип 28.000,00 евра, Основен суд Штип 16.000,00 евра, Основен суд Битола 16.000,00 евра и Апелационен суд Битола 28.000,00 евра. Кога ќе се соберат сумите од овие набавки, произлегува дека Судскиот совет и судовите ќе потрошат приближно околу 250.000,00 евра, пари од работниците и државата за набавка на возила, изјави Трпе Дејановски, генерален секретар на УПОЗ.

Од УПОЗ ја повикаа Владата да го исполни своето ветување и по завршувањето на претседателските избори да ги врати задржаните средства за време на штрајкот во 2016 година. Во спротивно, велат од УПОЗ, ќе се соочи со над 2000 тужби за поврат на овие средства кои ќе нанесат огромна штета на Буџетот на државата.