УНКТАД: Пандемијата предизвика економска штета од 10.000 милијарди долари

Светската економија годинава може да има посилен раст отколку што се очекуваше, објави во четвртокот Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД), проценувајќи дека пандемијата на корона вирусот ќе предизвика економска штета од 10.000 милијарди долари.
Светската економија годинава ќе порасне за 4,7 проценти, предвидува УНКТАД, зголемувајќи ја претходната проценка за 0,6 процентни поени поради очекуваното посилно закрепнување на САД.

Минатата 2020 година беше „annus horribilis“, забележуваат тие, проценувајќи го падот на активноста на 3,9 проценти. Досега го проценуваа падот на 4,3 проценти.

„Економијата забележа најголем пад во 2020 година, откако во првата половина на 40-тите години почна да се води статистика за агрегатната економска активност“, соопшти Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој.

Пандемијата ќе ја чини економијата 10.000 милијарди долари до крајот на оваа година, што е приближно двојно поголема од вредноста на јапонскиот БДП, посочуваат тие.

Од УНКТАД ја цитираат процената на Меѓународната организација на трудот (МОТ) дека пандемијата предизвика загуба на 255 милиони работни места со полно работно време.

Богатите економии усвоија огромен фискален стимул за намалување на штетата, забележува УНКТАД, при што го издвојува американскиот план за помош вреден 1.900 милијарди долари. Се издвојува и закрепнувањето на кинеската економија во втората половина на 2020 година.

Пандемијата најмногу ги погоди земјите во развој поради „ограничениот фискален простор, зголемените ограничувања на платниот биланс и несоодветната меѓународна поддршка“, смета УНКТАД.

Резултатот е пад на платите изразен како дел од БДП, за кој ретко сме биле сведоци во историјата, додаваат од агенцијата на ООН.

УНКТАД проценува дека економијата на САД ќе порасне 4,5 проценти оваа година, зголемувајќи ја проценката за 1,7 процентни поени.

Европа, која според дефиницијата на УНКТАД ја вклучува Европската унија и другите европски земји, се очекува да забележи раст на активноста од 4,0 проценти оваа година, при што УНКТАД предвидува иста стапка на раст за еврозоната, зголемувајќи ги своите проценки за 0,4, односно 0,6 процентни поени. 

Најсилен раст се предвидува за Франција, од 5,3 проценти, додека германската економија треба да порасне за 3,3 проценти.

Европските земји забележаа најголем пад на активноста во групата развиени земји минатата година, посочува УНКТАД.

„На почетокот на 2021 година, Европската унија не покажува знаци на солидно закрепнување и може да забележи уште еден квартал со негативна стапка на раст, а изгледите за остатокот од годината во голема мера зависат од фискалните одговори (на кризата) и програмите за вакцинација“, забележуваат тие.

Роковите за универзален пристап до вакцините сè уште не се утврдени и фискалниот одговор на ЕУ, кој се фокусира на повеќегодишната финансиска рамка, „не обезбеди или не цели кон неопходна поддршка за инвестиции и побарувачка“, предупредува УНКТАД.

Пакетот трошоци „Следната генерација на ЕУ“ го поврзува закрепнувањето со нееднаквите капацитети за трошење и позајмување, предупредуваат тие.