Унковски се враќа во МНТ со „Сите сме птици“


На сцената на Македонскиот народен театар се враќа нашиот еминентен режисер Слободан Унковски, соопштија од МНТ. Најновиот проект и соработка со Унковски се очекуваше подолг период, и тој по девет години од последната негова претстава, повторно режира во МНТ.

„Со особена радост ја објавуваме веста за нови креативни почетоци и првата читачка проба на претставата „Сите сме птици“, по текстот на либанско-канадскиот автор, Важди Муавад, а во режија на нашиот ценет Слободан Унковски“, велат од МНТ.

Од таму додаваат дека Унковски поставува моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, притоа го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме.

„Во драмата на уникатниот и современ автор Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сѐ она што го знаат за својот идентитет. Терористички напад во Ерусалим го става во кома младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан, додека неговата мароканска девојка Вахида е оставена да ја открие неговата семејна тајна…“, се вели во соопштението до медиумите.

Во претставата ќе игра веќе докажана актерска екипа: Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Николина Кујача, Дамјан Цветановски, Тина Трпкоска, Петре Арсовски, Сара Климоска и други.

Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска. Унковски во изминатите децении на сцената на Македонскиот народен театар ги постави претставите кои уште долго ќе се паметат: „Јунона и паунот“ (1971), „Среќна нова ’49“ (1985), „Ништо без Трифолио“ (1986), „Гнев божји“ (1990), „Црнила 005“ (2005) и „Изгубени германци“ (2013).

Премиерата на претставата „Сите сме птици“ се очекува со почетокот на новата театарска сезона.