Унковски: Горан размислуваше понапред од нашето општество и од нашиот народ


Фото: Б. Грданоски

Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ „Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас!“ „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ „Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. “

Ова се само дел од цитатите од делата на Горан Стефановски (Битола, 27 април 1952 – Кантербери, Обединето Кралство, 27 ноември 2018) што секојдневно се присутни во нашиот културен простор. И повеќе од пет години по неговото физичко заминување, речиси нема ден без цитат од Горан Стефановски – на социјалните мрежи, во колумните, од неодамна и по билбордите и телевизиските реклами на еден од телекомуникациските оператори… Постојано ја забележуваме безвремената актуелност на неговото творештво. Но, не еднаш се запрашуваме дали и колку вистински го познававме/познаваме Горан Стефановски. Сигурно не околку колку што го познаваа оние што му беа најблиски и најдраги соработници и пријатели.

Затоа, на денот на неговото раѓање објавуваме разговор за него со човекот што му беше еден од најблиските соработници и најголемите, вистински пријатели. Режисерот што го режираше и неговото театарско деби, за потоа нераскинливо да биде врзан за творештвото на Горан Стефановски и за неговиот живот – Слободан Унковски-Унко.

Разговорот го водеше Иван Антоновски, кој повеќе години наназад е посветен на проучување и афирмирање на делото на Стефановски.