Универзитетот „Принстон“ ќе го отстрани името на Вудроу Вилсон од школата за јавна политика и од колеџот


Според Универзитетот, расистичкото размислување и политиките на Вилсон го прават несоодветен по него да се именува училиште

Универзитетот „Принстон“ ќе го отстрани името на претседателот Вудроу Вилсон од својота школа за јавна политика и од колеџот, се вели во соопштението во саботата, јави „Си-Ен-Ен“.

Одборот на Универзитетот „Принстон“ гласаше во петокот да ја преименуваат школата за политика во Школа за јавни и меѓународни работи на Принстон (Princeton School of Public and International Affairs), се вели во соопштението. Колеџот, пак, ќе биде познат како „Прв колеџ“ во знак на признание за „статусот како прв од резиденцијалните колеџи кои сега играат суштинска улога во животот на студентите од Принстон“, се вели во соопштението.

„Ние го направивме овој извонреден чекор затоа што веруваме дека расистичкото размислување и политиките на Вилсон го прават несоодветен по него да се именува училиште чиишто изучувачи, студенти и алумни мора да бидат цврсто посветени во борбата против расизмот во сите негови форми“, се вели во објавата.

Вилсон беше 28-от претседател на САД од 1913 до 1921 година. Тој претходно беше претседател на „Принстон“ и гувернер на Њу Џерси.

„Расизмот на Вилсон беше значаен дури и според стандардите на неговото време“, се вели во изјавата за претседателот на „Принстон“, Кристофер Ајсгрубер. „Тој ја подели федералната државна служба откако со децении беше расно интегрирана, а со тоа ја одведе Америка назад во потрагата по правда. Тој не само што се согласи, туку и додаде на упорната практика на расизмот во оваа земја, практика која продолжува да прави штета денес“.

Тој еднаш ја нарече расната сегрегација „придобивка“ и рече дека робовите „биле среќни и добро згрижени“. Тој одбиваше прием на мажи – Афроамериканци и се обиде да ги исклучи од историјата на училиштето.

Вилсон беше 28-от претседател на САД од 1913 до 1921 година. Тој претходно беше претседател на „Принстон“ и гувернер на Њу Џерси

Универзитетот вели дека е несоодветно да се именува зграда за јавни работи по „расист, кој ја сегрегираше националната државната служба, откако беше интегрирана со децении“. Се додава дека ова е преземено побрзо по неодамнешните убиства на Бреона Тејлор, Џорџ Флојд и други Афроамериканци.

„Ние ја преземаме оваа акција, додека продолжуваме да ги признаваме и почитуваме исклучителните достигнувања на Вудроу Вилсон“, се вели во изјавата. „Вилсон го унапреди ‘Принстон’ исто толку или повеќе од која било личност во долгата историја на Универзитетот. Иако академиците не се согласуваат околу оцената на мандатот на Вилсон како претседател на Соединетите држави, многумина го рангираат меѓу најголемите водачи на нацијата и му ги признаваат визионерските идеи што го обликуваа светот на подобро“.

Името на Вилсон ќе остане за „Наградата Вудроу Вилсон“, најголема почест на универзитетот за дипломиран студент или студентка, која се доделува годишно. Бидејќи тоа е резултат на подарок, универзитетот мора да го задржи името, објаснуваат од „Принстон“.

„Наградата експлицитно ги почитува специфичните и позитивните аспекти на кариерата на Вилсон и таа за разлика од Школата или колеџот, не бара студентите да се идентификуваат со името на Вилсон во врска со нивните академски програми“, се вели во соопштението.

Оваа недела, поверениците од универзитетот Монмут во Њу Џерси гласаа да го отстранат името на Вилсон од својата Голема сала, која служи како главен центар на кампусот.

Од Монмут соопштија дека ќе најдат начин да му одадат почест на својот водечки дизајнер, Џулијан Абел, кој беше еден од првите професионално обучени архитекти – Афроамериканци.

Во неделата, канцеларијата на градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио соопшти дека ќе биде отстранета статуа на претседателот Теодор Рузвелт пред Американскиот музеј за природна историја.

„Американскиот музеј за природна историја побара да се отстрани статуата на Теодор Рузвелт затоа што експлицитно ги прикажува црните и домородните луѓе како потчинети и расно инфериорни“, се вели во изјавата на канцеларијата на Де Бласио за „Си-Ен-Ен“. „Градот го поддржува барањето на музејот. Тоа е вистинската одлука и вистинското време да се отстрани оваа проблематична статуа“.