Универзална сала може да падне, предупредува ИЗИС

Утре претставници на Министерството за култура ќе имаат состанок со претставниците од Градот Скопје и се очекува некакво поместување


Универзална сала, јануари, 2023/ Фото: Б. Грданоски

 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите информираше дека Универзална сала сѐ уште е под Град Скопје, затоа што немаат потпишано договор за примопредавање ниту на ингеренциите за реконструкција, ниту на проектната документација. Како што рече, таа е во опасност дека може да падне со оглед на тоа што долго време е отворена.

Вака треба да изгледа Универзалната сала

Како што најави, утре претставници на Министерството за култура ќе имаат состанок со претставниците од Градот и се надева на некакво поместување.

„Министерството за култура до ден денес нема добиено никаков договор за потпишување дека ингеренциите за реконструкција се префрлаат кај нас. Постои само една одлука на Совет која што ја изгласаа советниците и толку. Од тогаш, со службите во Град Скопје се обидувавме да комуницираме, но немавме никаков одговор. Пред два дена правниот сектор во Министерството за култура направи договор за примопредавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала и го прати до Градот.  И денеска добивме одговор дека утре ќе имаме состанок со нивниот сектор и се надевам дека ќе има некое поместување“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека не може да направи никаков акциски план сѐ дури нема вистински увид на Универзалната сала. Како што посочи, во јуни добила известување од ИЗИС дека Универзална сала веќе е во опасност дека може да падне. 

„Во јуни  годинава добив две известувања од ИЗИС дека Универзална сала веќе е во опасност дека може да падне. Многу долго е отворена, а следува време на зима, на дождови, на ветрови и на снегови и мора да се затвори. Затоа, јас неколку пати се јавував, апелирав и на последната прес-конференција, градоначалничката Арсовска рече дека службите го подготвуваат процесот. Но, Универзална сала уште е на Град Скопје. Тоа е децентрализирана установа на Градот“, рече Костадиновска-Стојчевска на брифингот.

Како што потсети, Универзалната сала е и носител на проектот на Европска престолнина за култура за 2028.

Во однос на Европска престолнина за култура, Костадиновска Стојчевска рече дека до март најдоцна треба да пристигнат експерти од Европска комисија и да извршат увид што имаме сработено.

„Шест месеци по добивање на титулата, односно најдоцна до март следната година, треба да дојдат експерти од Европска комисија кои ќе видат до кај сме. Јас имам чувство дека тоа ќе биде пак како сега во пет до 12, меѓутоа во екот на избори не знам кој што ќе направи, кога сите ќе бидеме на друго ниво и кога ќе бидеме лимитирани“, рече министерката.

Таа додаде дека ќе излезат во пресрет да помогнат со нивниот буџет, преку финансирање на проекти. 

„Ние дадовме поддршка на Град Скопје за ЕПК. Градот Скопје нема многу инфрaструктура за европска престолнина на култура, поголемата инфраструктура нормално припаѓа на Министерството за култура. Затоа излеговме во пресрет, дури и да помогнеме преку нашиот буџет, преку финансирање на проекти. Избегнувавме да даваме одговори за Универзална и за ЕПК, затоа што може да дојде до промена преку ноќ и да немаме никакво поместување и да бидеме исклучени“, рече министерката.