Универзална сала уште не е предадена на Министерството за култура, нешто е закочено


Фото: Б. Грданоски

 

Иако од одлуката има поминато два месеци Градот Скопје никако да ја предаде Универзалната сала на Министерството за култура за да се заврши нејзината реконструкција. „Универзалната сала  сѐ уште е под надлежност на Град Скопје. Се надевам дека одложувањето на предавањето на правото на реконструкција на Министерството за култура, не е предмет на политички пазар, но Универзална сала не е предадена на Министерство за култура, односно не е спроведена Одлуката на Советот на Град Скопје која е  донесена пред два месеци.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за Сител  изјави дека комуникацијата била на техничко ниво. Од Градот Скопје понудиле видоизменет договор кој што се коси со одлуката. Според одлуката, правото на реконструкција  се пренесува на Министерството за култура и дека по нејзиното завршување Министерството ќе го врати објектот на Градот.

Костадиновска-Стојчевска рече дека Министерството за култура го видоизмени понудениот договор од Градот Скопје, и дека се чека одговор. Таа изрази уверување дека овој усогласен предлог-договор на Министерството со сите релевантни правни чинители ќе биде прифатен и конечен, и дека граѓаните на Скопје, на државата и културната јавност ќе го добијат толку потребниот објект.

За состојбата со објектот на Македонскиот народен театар, Костадиновска-Стојчевска рече дека е тоа посебна приказна, зашто дури пред една година Министерството за култура успеа  да ја добие техничка документација, и посочи: „Она што како Министерство ни отежнува во тоа каде точно треба да интервенираме, за да не ги немаме истите проблеми при секој дожд е тоа што ниту една од фирмите кои што го граделе МНТ веќе не постојат. Сите се под стечај“.

На прашањето околу пропаѓањето на Поштата, која беше опожарена во 2013 година, и е прогласена за европско културно наследство, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека ја поддржува иницијативата на Европската куќа за актуелизација на ова прашање и додаде: „Тешко воспоставуваме соработка со АД Пошта, очекуваме и апелираме Управниот одбор да ја донесе потребната одлука и да овозможи реконструкција на Шалтер салата, искористување на грантот на Европската инвестициона банка и обновување на овој простор кој е од непроценливо значење за културата на нашата држава“.