Универзална сала станува парк со мала летна сцена


Фото: Б. Грданоски

Град Скопје распиша конкурс за идејно-архитектонско решение за мала отворена летна сцена со парк, на местото на Универзална сала во Скопје.

Според условите наведени во конкурсот, дизајнот треба да се одликува со функционалност и применливост, односно да се дизајнира простор кој во естетска смисла ќе стане препознатлив белег на градот, односно ќе го облагороди просторот и со своите содржини ќе ги привлече граѓаните активно да го користат.

Градоначалникот Петре Шилегов уште во декември лани најави дека ќе биде распишан конкурс за Универзална сала, затоа што проектот „јајце“ кој беше најавуван од претходната власт, не одговарал на Скопје.

Идејата е објект како Универзалната сала да се гради на друго место во градот, како кај спортската сала „Борис Трајковски“, со што таму би се добила една култорно-спортска целина на просторот.

Исто така, конкурсот предвидувап предложениот дизајн да одговори на потребите на граѓаните од станбената населба која се наоѓа околу локалитетот, но и на сите граѓани во Скопје, да ја зголеми вредноста на просторот и да се вклопи во околината. Пред сè, потребно е просторот да биде корисен, функционален и одржлив, што би се остварило преку очекувани оригинални, креативни и иновативни идеи.

За да се задржи духот на местото и овој простор да остане во колективната меморија на граѓаните, се препорачува авторите во своите конкурсни трудови да направат дизајн кој ќе има елементи на реминисценција на постојната Универзална сала или како опција дозволено е да се искористат делови од неа, како од надземните, така и од подземните делови на објектот, со што би се искажала почит кон стариот објект.

Сите применети материјали, односно дизајнот во целост треба да се карактеризираат со трајност, квалитет и долговечност при експлоатацијата, лесно да се одржува и да е во согласност со најсовремените светски стандарди за ваков или сличен тип на објекти. Притоа, особено е потребно да се води сметка за употребливоста на планираното решение од страна на лица со посебни потреби.

Трудовите треба лично или по пошта да се достават до Архивата на Град Скопје, барака 1, на адреса булевар „Илинден“ број 82. Краен рок за доставување е 28.08.2020 година во 12 часот.

Трудовите ќе ги оценува жири-комисија, согласно програмските барања и услови од тендерската документација и ќе ги објави резултатите од конкурсот. Трите најдобри решенија ќе бидат наградени со прва награда од 180.000 денари, втора 120.000 денари и трета награда од 60.000 денари.