Универзална сала ќе се реновира следната година, вели Стефоска


Фото: Б. Грданоски

Во новиот буџет на Министерството за култура, предвидени се пари за реновирање на училиштето во Љубојно.

– Зградата е во очајна состојба, изјави денеска министерката за култура Ирена Стефоска, која во октомври го посети училиштето во Љубојно.

Покрај училиштето, таа во октомври го посети и споменикот од НОВ во Отешево.

– За споменикот Преспанското советување, чиј автор е Јордан Грабул, во договор со општината, договорено е на пролет да го санираат и средат споменикот и да го вратат во првобитната положба, изјави Стефоска.

Таа ја искористи приликата да информира јавноста дека од Музејот и завод од Штип подготвиле проект за санација на сите споменици во штипско.

Што се однесува до оштетените објектите од недвижното културното наследство, министерката за култура потенцира дека, покрај Матејче и Курбиново, има многу објекти кои чекаат на реновирање.

– До крајот на годината планирам да одам во Прилеп, да ја посетам Чарши џамијата изградена во 15 век и со специјалисти да видиме што и како со неа. Таа е еден од ретките споменици, која за жал настрада во конфликтот во 2001 година, изјави Стефоска.

Таа информира дека на една од седниците на Националниот совет за заштита на културно наследство, очекува да и биде презентиран елаборатот за средновековните словенски и грчки ракописи, кои се делумно конзервирани и се наоѓаат во Музејот и заводот за заштита во Охрид.

– Тоа е многу важен и исклучителен дел од културното наследство, нагласи Стефоска.

Таа, меѓу другото, информира дека за следната година обезбедени се средства за реновирање на Универзалната сала. Што се однесува до градењето на нова сала, министерката Стефоска рече дека за тоа е надлежен Градот Скопје.

За албанскиот театар во Скопје, чија градба е почната пред седум години, а кој се очекуваше да биде отворен до Нова година, министерката информира дека тоа ќе се случи на пролет.

Во врска со реакцијата на Синдикатот на националната установа Стоби дека не се исплатени пари за септември, октомври и ноември и дека се работи за 49.000 евра, министерката појасни дека се работи за правен проблем.

– Подготвен е редовниот месечен план за исплата. Но, проблемот кој го иницира Синдикатот на националната установа Стоби и кој правно мора да се реши, е теренскиот додаток за вработените. Да појаснам за јавноста. Од едната страна се одредбите од колективниот договор, од друга страна вработените одат на теренска работа, на терен, кој им е буквално во дворот, објасни министерката.