Универзална сала доби нова купола


 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук, објави дека Универзална сала добила нова купола која ја замени старата. Таа напиша дека непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието.

„Ја крунисавме Универзална сала со поставување нова покривна купола. Во тек е реконструкцијата на препознатливиот елемент на мултимедијалниот објект, симболот на солидарно Скопје. Со замена на старата купола непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието. Универзалната сала има долга и значајна културна меморија за градот и државата низ чие постоење се претставувала културата низ различни форми. На публиката и на граѓаните им должиме нова, современа и автентична сала. На дело покажуваме како се грижиме за развојот на културата и нејзината промоција“, напиша Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска во студиото на „Слободен печат“ рече дека Универзална сала ќе биде завршена за три години.

„Во овој момент во Универзална сала во тек е првата  фаза од реконструкцијата на самиот објект и она што го видовме баш симболично претставуваше крунисување на целиот овој процес, кој беше долг и комплексен во однос на преземањето на ингеренциите, завршувањето на сите процедури и се она што значеше привршување односно продолжување на работата во таа прва фаза, изјави за Слободен печат, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Министерката ја објасни целата процедура за реконструкција на овој значаен објект, додавајќи дека во следните две до три години таа ќе биде целосно завршена и отворена за граѓаните

„Во тек е јавната набавка за втората фаза, односно за последниот дел од проектот за реконструкција. Јавната набавка е во тек и за реконструкцијата и за избор на надзор, односно фирмата која ќе прави надзор врз објектот. Што значи дека и тие процедури кои се тековни односно што ги презедовме и предвидовме во програмата на МК се во тек. Веднаш по завршувањето на првата фаза, сакаме веднаш да се продолжи со втората фаза, токму затоа го направивме тоа во период кога се работи првата фаза, да ја завршиме јавната набавка со сите процедури како што треба втората фаза. За да немаме никаков прекин во работата. Средствата се обезбедени преку буџетот на министерството и од правен и од финансиски аспект нема да има никаков застој и рокот што предвидовме од три години ќе биде доволен за да можеме, да имаме универзална сала со целосно завршена реконструкција“ посочи Костадиновска- Стојчевска.