УНИЦЕФ соопшти дека во Појасот Газа до сега загинале 2.360 деца


 Детскиот фонд на ОН УНИЦЕФ соопшти дека 2.360 деца загинале во контранападите на Израел во Појасот Газа како одговор на нападите на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.

Хуманитарната организација соопшти дека 5.364 деца се повредени, цитирајќи извештаи без именување извори. Според УНИЦЕФ, се работи за „немилосрдни напади“.

Од ненадејните напади на Хамас на 7 октомври, израелската армија бомбардира цели во Појасот Газа и подготвува копнена офанзива во затвореното крајбрежно подрачје.

– Ситуацијата во Појасот Газа е сè поголема дамка на нашата колективна совест. Стапката на смртност и повреди на децата едноставно е запрепастувачка, рече Адел Ходр, регионален директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка.

Појасот Газа страда од акутен недостиг на вода, со тешки последици за децата, кои изнесуваат околу 50 отсто од населението, соопшти УНИЦЕФ.

УНИЦЕФ ги повика сите страни да се согласат на прекин на огнот, да обезбедат хуманитарен пристап и да ги ослободат сите заложници.