УНИЦЕФ: Седумдесет и три проценти од децата се подложени на насилна дисциплина во домот

Седумдесет и три проценти од децата се подложени на насилна дисциплина во домот, а најдискриминираните деца се од ромската популација, е заклучок од денешната презентација на клучните наоди од Анализата на УНИЦЕФ за ситуацијата на децата и адолесцентите и на Заклучните согледувања на Комитетот за правата на детето, што се одржа во Собранието.
Силвија Ќијаручи, заменик-претставничка на УНИЦЕФ при презентацијата истакна дека седумдесет и три проценти од децата се подложени на насилна дисциплина во домот – физичка агресија или психолошко насилство. Нагласи дека насилните методи на дисциплина се со речиси со највисока стапка во регионот и се повисоки кај момчињата, децата со попреченост децата Роми.
-Речиси слична е состојбата и во пошироката Европа – еден од пет адолесценти во училиштата пријавиле дека претпреле булинг – врсничко насилство и овој тип на насилство е во подем поради се почестото користење на паметните телефони и социјалните медиуми. Уште една форма на насилство се малолетните бракови кои што се на второ највисоко ниво во Европа и има многу мала промена во изминатите 20 години, многу е висока стапката кај девојчињата Роми а се позастапени кај семејства од посиромашна средина – една од пет млади жени од најнискиот квинтил стапува во брак пред 18 години. Комитетот за правата на детето констатира препорака во оваа областа – недоволен протокол и ограничена соработка меѓу институциите кога станува збор за третирање и спречување на насилството против децата, зголемување на бројот на социјални работници што би работеле со деца во ризик и зголемување на задолжителното пријавување на насилството врз децата, како и зајакнување на методите за позитивна дисциплина, рече таа.
Како што се нагласува во Анализата, состојбата на децата Роми кои се нешто под четири проценти од популацијата на деца во земјата, се разликува од националниот просек како овие деца да живеат во друга земја.
-Тие се соочуваат со големо исклучување и 73 проценти од нив живеат под националниот праг на сиромаштија. Повеќе од половината од децата Роми не завршуваат основно или средно образование, а додека националниот просек во однос на оваа област е само 10 проценти. Големо мнозинство не добиваат предучилишно образование, а адолесцентките од оваа група се подложни на малолетнички брак. Ова е најнепревилигирираната група во општеството и најдискриминираната. Комитетот препорачува на земјата потписничка да распредели соодветен буџет за децата кои се наоѓаат во вакви ситуации особено за ромските деца и децата со попреченост. Комитетот препорачува да се спроведат наменски мерки за да се искоренат детските бракови, но и основните причини што доведуваат децата да бидат на улица, се наведува во анализата.
Во анализата на УНИЦЕФ се посочува дека само едно од три деца до возраст од 14 години ги постигнува основните вештини за читање и математика и наука.
-Процентот на деца кои постигнуваат ниско ниво на длабинско знаење е повеќе од двојно во споредба со другите земји од ОЕЦД. Ако го погледнеме овој диспаритет од позитивна страна, немаме голем родов диспаритет помеѓу момчињата и девојчињата. Девојчињата во Северна Македонија имаат склоност да бидат подобри и во математика и во читање. Но, има значајни социо-економски диспаритети, при што децата од најбогатиот квинтил значајно се подобри во споредба со оние што се од најсиромашниот квинтил, а има и диспаритет по однос на етничка основа. Помалку од половина од децата се запишани во градинка, односно на предучилишно образование, во споредба со европските земји каде што овој процент е многу повисок, а понизок е и од земјите во регионот. И за жал, децата од најсиромашниот квинтил и децата Роми се речиси целосно надвор од предучилишното образование и тоа е многу алармантно затоа што предучилишното образование е акцелератор со кој се запира пренесувањето на интергенеразациската сиромаштија и со кое што дава поддршка за доживотно учење, се вели во анализата.
Просечниот број на часови поминати во училиште од деца во Северна Македонија е најнизок во регионот и, како што беше посочено, тоа е доказ за тоа како моментално училишната мрежа не е прилагодена на потребите на земјата, каде популацијата на деца постојано се намалува во последните 20 години.
-Но, работната сила на наставници постојано се зголемува и 80 проценти од јавните расходи во образованието се потрошени за плати и останува многу мал простор за одржување на системот и негово подобрување. Ова води до просечен број на соодносот меѓу учител – дете којшто се намалува, при што имаме 9.7 деца по наставник што е значајно под просекот наодите каде што имаме 15 деца на секој наставник. Една третина од општините имаат просечна големина на паралелка со помалку од 10 деца по паралелка. Комитетот за правата на детето истакнува дека државата потписничка треба да преземе корективна активност за следење на исходите од учењето и да преземе проактивни дејства за да го третира овој деспаритет. Се апелира до земјата дополнително да вложи во предучилишното образование и да поведе сметка дека предучилишните институции се пристапни и до најнепревилигирираните деца, се вели во анализата.
Стандардната стапка поврзана со загадувањето во внатрешни и надворешни услови е над четири пати поголема од просекот во ЕУ и една од највисоките стапки на загадување во регионот.
-Градовите како што се Скопје, Тетово и Битола се соочуваат со праг на безбедност кој го надминува прагот на безбедност на СЗО и тоа над 100 дена во годината, а еден од девет смртни случаи кај доенчињата се препишува на загадениот воздух, а 40 проценти од детските морбидитети се должат на респираторните болести. Комитетот посочува државите да се поттикнуваат да преземаат моментално акција за да се справат со последиците од климатските промени, деградацијата на животната средина, но исто така и мерки за справување со загадувањето на воздухот, се позочува во Анализата на УНИЦЕФ.
Ќијаручи нагласи дека Северна Македонија се соочува со значителни демографски поместувања, со намалување од 18 проценти на детската популација од 2011 до 2023 година и ниска стапка на фертилитет од 1,5, што е далеку под стапката на замена и укажува на намалување на населението.
-Ова би претставувало предизвик на среден и долг рок, иако тогаш може да е предизвик, сега да може да е можност затоа што влогот што се става денес може подобро да се потроши на човечки капитал. Јавните инвестиции во децата изразени како проценти од Бруто домашниот производ, се под стапките во Западен Балкан и значително под просекот на европските земји, рече таа.
-Ако гледаме во здравство, трошокот е околу 5 проценти во споредба со 7 проценти во ЕУ. Тоа е пропуштена можност која можеме да ја земеме предвид во земјата. Покрај тоа, ефикасноста во јавните трошења е покрената како голема причина за загриженост во однос на јавната потрошувачка општо. Ова е во согласност со сето она што е истакнато од Комитетот за правата на детето врз основа на нивните клучни препораки каде што и препорачуваат на Северна Македонија да ги зголеми буџетските распределби со особено внимание да се стигне до оние деца кои се најранливи со акцент на децата Роми и препорака земјата да спроведе соодветни механизми за еваулација на соодветноста, ефикасноста и правичната на буџетските распределби. Да зборуваме за напредокот во однос на некои од клучните аспекти, области. Ќе почнам со позитивна информација која се донесува на ЦОР 3 – која е добро здравје и благосостојба – би сакала да честитам и да кажам дека е возможно да се постигне таа цел за одржлив развој. Денеска стапката на смртност кај доенчиња е само 1,8 деца на 1000 живородени и веќе земјата ја постигнала целта предвидена со ЦОП во оваа област и е на добро ниво. Има конзистентно намалување во стапката на неонатална, доенечка и детска смртност во текот на измината деценија, што доведува до десеткратно намалување од 2016 година. Ова не значи дека севкупната работа во здравството е завршена. Има уште многу други области во здравствениот сектор поврзани со детското здравје, мајчиното здравје и примарното здравје на која што треба да се работи, рече Ќијаручи.
И покрај постојано високите стапки на сиромаштија, како што се посочува во Анализата, само едно од пет деца има придобивка од семејни парични дотации, односно соодносот е девет од 10 деца во ЕУ. Беше посочено на презентацијата дека овие наоди се во согласност со препораката на Комитетот за правата на детето со која се бара од државните чинители да ги анализираат влијанијата од реформата во социјалната заштита и да се даде приоритет да се обезбеди соодветен одржлив стандард за живеење за секое дете при тоа третирајќи ја сиромаштијата кај децата.
Едно на три деца на возраст од 7 до 9 години во земјава се соочува со прекумерна тежина. Во анализата се посочува дека половина од овие деца веќе се класифицирани како дебели, и тоа е највисока стапка во регионот. -Овие стапки се многу повисоки во урбаните области кај момчињата, а тоа има далекосежни последици во однос на нивното здравје во возрасна доба. Дебелината доведуваат до нарушување на физичкото и менталното здравје, а тоа го зголемува ризикот за незаразни болести како кардиоваскуларни болести, канцер, дијебетес и слични болести. Според последните студии на УНИЦЕФ се проценува дека тоа државата може да ја чини пет проценти од бруто домашниот производ во однос на здравствените трошоци и губење на продуктивноста, се вели во анализата.
Во Анализата на УНИЦЕФ се посочува дека само 30 деца под шестмесечна возраст ексклузивно се дојат за разлика со 50 проценти што е целта на СЗО на глобално ниво. -Само 10 проценти од децата добиваат рано доење во првиот час од раѓањето, а тоа е критична заштитна мерка, тоа е заштита и за мајката и за детето. Комитетот препорачува дека земјата треба да распредели доволно ресурси за да се подобрат здравствените услуги за децата, но и да се спроведуваат кампањи за да се намали дебелината, се нагласува во Анализата на УНИЦЕФ.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши нагласи дека Северна Македонија има направено неколку значајни чекори во остварувањето на правата на децата, почнувајќи од ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето, усвојување на различни законски акти. Но, како што потенцира, анализата покажува дека се уште имаме доста работа.
-Постојаните предизвици бараат зголемен ангажман, особено кога станува збор за децата со попреченост, насилството врз децата, здравствените услуги, образованието и дискриминацијата. Од таа причина, на овој настан неслучајно се поканети бројни комисии од чии членови се очекува да ја водат борбата за надминување на овие предизвици. Вашата заложба не е само за подобрување на законите, туку многу повеќе од тоа. Таа е света мисија за обезбедување благосостојба на најранливите групи во општеството како што се децата. Инвестирањето во нашите деца не е само инвестиција во иднината на општеството, туку создавање основа на здравиот дух на тоа општество. Секој граѓанин има улога во создавање подобар свет за децата, но оваа институција има обврска да обезбеди поправедно, подеднакво и побезбедно општество за децата. Еднаквиот пристап до образование, поголема грижа за здравствените политики и заштита од насилство и дискриминација треба да бидат наши приоритети. Како претседател на Собранието секогаш ќе дадам поддршка на секоја иницијатива што придонесува во оваа насока. Зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка и зголемувањето на инвестициите се од клучно значење за овозможување инклузија на секое дете без разлика на предизвиците со кои се соочува. Ова е наша колектива и човечка одговорност и задача, рече Гаши.
Ги повикува сите пратеници сериозно да ги разгледат препораките и да преминат кон конкретни активности. Според него, ова е клучен момент за, како што рече, да ја направиме Северна Македонија поправедна земја со побезбедна иднина и посреќни деца.
Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во земјава истакна дека ова анализа фрла светлина пред се на диспаритетите, нееднаквостите што постојат во земјата и укажува кои групи на деца се во најголем ризик да заостанат.
-Ова се докази кои што можат да го насочат Собранието, Владата и останатите засегнати страни и чинители во однос на нивните политики, програми и распределбата на буџетот за тоа да биде во полза на децата. Подемот во дигиталната технологија, климатските промени, загадувањето на животната средина и миграциите, сето ова го менува нивното детство. Преземени се и важни чекори кон ратификација на Третиот факултативен протокол на Конвенцијата за правата на детето, со кој се овозможува децата да поднесуваат свои претставки. Да ве информирам дека УНИЦЕФ е во подготовка на новата петгодишна програма за соработка со Северна Макаеоднија согласно со Националната развојна стратегија и Реформската агенда на земјата, рече Милер.