УНИЦЕФ: Ковид-19 ја одложи имунизацијата на 117 милиони деца


САД – Повеќе од 117 милиони деца во светот би можеле да останат без неопходната вакцина против морбили во предвидениот рок поради пандемијата на новиот коронавирус, предупреди Фондот за деца при ОН – УНИЦЕФ.

Фондот прецизира дека поради пандемијата, вакцинацијата против морбили во моментов е одложена во 24 држави, со можност тоа да се прошири во вкупно 37 земји.

Истовремено, УНИЦЕФ ја потенцира важноста од вакцинирање на децата.

Според Светската здравствена организација, и покрај докажаната и ефикасна вакцина која се користи повеќе од 50 години, во последните неколку години бројот на заболени од морбили се зголемува. Во 2018 година од таа болест починаа над 140.000 лица, од кои најголемит дел деца и бебиња.