УНХЦР: До 2024 година земјите да стават крај на неизвесноста за лицата без државјанство

Ковид-19 ги влоши страдањата на милиони лица без државјанство низ светот, предупреди денеска Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди. УНХЦР денеска одбележува шест години од отпочнувањето на кампањата „Јас припаѓам“ (#IBelong), чија цел е ставање крај на бездржавјанството до 2024 година.

Одбележувајќи ја годишнината од кампањата, Гранди ги повика светските лидери да ги вклучат и заштитат популациите без државјанство и да направат храбри и брзи чекори за да го искоренат бездржавјанството.

-Пандемијата на КОВИД-19 повеќе од кога било ја покажа потребата од инклузија и
итноста на решавање на бездржавјанството. Пандемиите не разликуваат државјани
од недржавјани. Не е во интерес на ниту една држава, општество или заедница да
остави луѓе без државјанство и тие да живеат на маргините, рече Гранди.

Според него, мора двојно да ги засилиме напорите да ја решиме оваа повреда на човештвото во 21 век.

Не поседувајќи важни законски права и често немајќи пристап до основни услуги,
многу од лицата без државјанство се политички и економски маргинилизирани,
дискриминирани и ранливи на експлоатација и злоупотреба. Во многу земји, лицата
без државјанство, вклучувајќи ги и бегалците без државјанство, живеат во
супстандардни и несоодветни санитарни услови може да го зголемат ризикот од
болеста, наведуваат во соопштението од УНХЦР.

Иако е тешко да се добијат глобални податоци бидејќи популациите без државјанство
не секогаш се регистрираат или вклучуваат во пописите на државите, УНХЦР
известува за околу 4,2 милиони лица без државјанство во 76 земји. Сепак, се смета
дека реалниот број е значително поголем.

И покрај тоа што е постигнат значителен напредок во намалувањето на
бездржавјанството ширум светот откако започна кампањата во ноември 2014 година,
пандемијата на коронавирусот влоши многу од потешкотиите и неправдите со кои се
соочуваат лицата без државјанство.

-Без државјанство, многу од овие лица немаат пристап или не се вклучени во
основното јавно здравство и социјалното осигурување. Оставени се да бидат
екстремно ранливи наспроти пандемијата, рече Гранди.

Од организацијата наведуваат дека некои земји сепак покажуваат водство со вклучување на лицата без државјанство во одговорот на Ковид-19, обезбедувајќи им пристап до тестови и лекови, храна, облека и маски. Некои влади ги вбројаа во основни потреби впишувањето во матичната книга на раѓање и издавањето други матични документи, со што тие продолжија да функционираат и покрај пандемијата и со тоа помогнаа да се спречи создавање нови случаи на бездржавјанство.

-Бездржавјанството е проблем кој е лесен да се реши и спречи – прашање на
политичка волја е да се смени статусот и животот на една личност – а, сепак,
последиците од непреземањето ништо, особено за време на пандемија, можат да
бидат опасни по живот, рече Гранди.

Високиот комесар на ОН за бегалци Гранди потенцира дека со цел да заштитиме и спасиме животи, УНХЦР бара од владите да го решат бездржавјанството и да се осигураат дека ниту еден човек не е изоставен.

Во изминатите шест години од почетокот на кампањата „Јас припаѓам“ речиси 350.000 лица без државјанство добиле државјанство во разни држави: Киргистан, Кенија, Таџикистан, Тајланд, Русија, Шведска, Виетнам, Узбекистан и Филипините. Се случиле 25 пристапувања на двете Конвенции на ОН за бездржавјанство, со што сега 94 држави се членки на Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство од 1954 година, а 75 на Конвенцијата за намалување набезд ржавјанството од 1961 година. Како што наведуваат од УНХЦР, 16 држави исто така засноваа или ги подобрија своите постапки за утврдување на бездржавјанство за да ги идентификуваат лицата без државјанство на своите територии, при што некои од нив нудат олеснет пат кон државјанство. Осум држави ги изменија своите закони за државјанство за да им дадат државјанство на децата родени на нивната територија кои инаку би биле без државјанство, а две држави ги реформираа своите закони за државјанство за да им дозволат на мајките да го пренесат нивното државјанство на нивните деца на еднаква основа со татковците.