Унгарските судии на протест: Бараат независност на судството и подобри плати


Будимпешта– Илјадници унгарски судии и нивни поддржувачи денеска излегоа на протест пред Министерството за правда во Будимпешта, барајќи поголема независност на судството, слобода на изразување за судиите и поголема плата.

Незадоволството на судиите почна во ноември, кога унгарската Влада и трите главни судски органи потпишаа договор со кој зголемувањето на платите беше условено со широки реформи. Според критичарите, Националниот судски совет бил под притисок брзо да го одобри договорот, без соодветни консултации.

– Ова беше првпат да почувствуваме дека мораме да се организираме и да покажеме дека не може да ни се наредува што да правиме. Ние сме третиот столб на власта, изјави организаторот на протестот, судијата Золтан Ендреди.

Протестирачите бараа и поголеми права за судиите да го искажат своето незадоволство, како и повисоки примања, особено поради високата флуктуација на судските службеници во Централна Унгарија и Будимпешта.

– Нашата главна цел е да ја заштитиме независноста на судството. Не велиме дека таа е целосно укината, но има знаци дека е загрозена, изјави судијката Рита Кисели.

Таа додаде дека унгарските власти сѐ поретко се консултираат со судските органи при носењето на клучни закони. Премиерскиот кабинет претходно овој месец тврдеше дека унгарскиот Устав ја гарантира независноста на судскиот систем.