Унгарскиот парламент го одби предлогот да се гласа за членството на Шведска во НАТО


Унгарскиот парламент синоќа го отфрли предлогот за гласање за кандидатурата на Шведска за влез во НАТО, што дополнително го одложи вклучувањето на оваа нордиска земја во Алијансата.

Унгарија е главната пречка за Шведска да влезе во НАТО, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера го поднесе протоколот до турскиот Парламент со кој го одобрува приемот.

Владејачката партија Фидес, предводена од популистичкиот премиер Виктор Орбан, кој се смета за еден од сојузниците на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ и има апсолутно мнозинство во унгарскиот Парламент, ја одложува кандидатурата на Шведска од јули 2022 година.

-Пратениците на Фидес денеска го блокираа предлогот за закажување на гласање, изјави Агнес Вадаи, пратеничка на унгарската опозициска Демократска коалиција и поранешна државна секретарка во Министерството за одбрана.

Следниот можен начин за гласање за ратификација ќе биде на собраниската седница што ќе почне на 6 ноември, додаде таа.