Унгарскиот Парламент денеска избира нов претседател, кандидат на „Тиса“ е поранешниот шеф на Врховниот суд, Андраш Бака


Унгарскиот Парламент денеска ќе гласа за нов претседател на државата, откако владејачката партија „Тиса“ на премиерот Петер Маѓар за функцијата го предложи поранешниот претседател на Врховниот суд, Андраш Бака.

„Убедени сме дека искуството на Андраш Бака и професионалната независност што ја покажуваше во текот на целата кариера претставуваат значајна предност во моментот кога заеднички се подготвуваме да ги поставиме темелите на новиот уставен поредок на Унгарија“, се наведува во објавата на партијата „Тиса“ постирана на „Фејсбук“.

Промената на чело на државата беше едно од ветувањата на премиерот Петер Маѓар откако неговата партија „Тиса“ победи на априлските избори, по 16 години владеење на Виктор Орбан. Во јули, Владата на Маѓар искористи уставен амандман за да го смени претседателот Тамаш Шујок, кого премиерот го нарекуваше „Орбанова марионета“.

Од неговото разрешување, воглавно церемонијалната претседателска функција привремено ја извршува претседателката на Парламентот, Агнеш Форстхофер.

Според Петер Маѓар, новиот претседател треба да го претставува националното единство и да и служи на земјата без партиско-политичко минато или припадност.

Маѓар претходно функцијата претседател ја понуди на шаховската легенда и поранешна светска шампионка Јудит Полгар, која ја одби понудата, наведувајќи ги како причина длабоките политички поделби во Унгарија.

Начинот на кој премиерот постапи при изборот на кандидатот предизвика критики од пратеници и невладини организации, кои тврдат дека спротивно на неговото претходно ветување, немало вистински јавни консултации за изборот на шефот на државата.

Маѓар одговори дека „Тиса“ само барала предлози, дека не организирала „општествени консултации“ и оти конечниот избор е во рацете на пратеничката група на неговата партија и на Парламентот.

Во објава на социјалните мрежи минатиот месец Маѓар ги повика политичките партии, јавните личности, граѓанското општество и сите други заинтересирани да предложат кандидати за претседател.

Како што пишува „Еуроњуз“, повеќе невладини организации и партии предложиле кандидати, а Маѓар се сретнал со повеќе потенцијални кандидати. Меѓу нив, покрај професорот по право и поранешен претседател на Куријата (Врховниот суд) Андраш Бака, кого Маѓар сега го избра, биле и историчарот Игнац Ромшич и правникот Ботонд Филеп. Филеп, со откривањето на тајното претседателско помилување во случај поврзан со педофилија, ја разниша власта на Орбан, што во 2024 година доведе до оставка на тогашната претседателка на Унгарија, Каталин Новак.

Опозициската партија „Ми Хазанк“ за кандидат го предложи Матео Тот, додека „Фидес“ и КДНП го бојкотираат изборот на претседател поради начинот на кој беше разрешен Тамаш Шујок и нема да имаат свој кандидат.

Опозициската „Фидес“ соопшти дека нема да учествува во гласањето и тврди дека разрешувањето на Шујок било „нелегитимно“.

Парламентот го избира претседателот со двотретинско мнозинство на тајно гласање. Доколку првото гласање не успее, се одржува второ гласање со двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови, при што не е потребно двотретинско мнозинство.

Доколку и второто гласање биде неуспешно, се поднесуваат нови кандидатури и се одржува ново гласање.

Избраниот претседател стапува на должност осмиот ден по објавувањето на резултатите од гласањето, откако претходно ќе положи заклетва во Парламентот.