Унгарскиот министер Сијарто најде време да се сретне со Мицкоски


 

Кога неодамна беше во Скопје немаше време, но сега најде – унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто утринава пред почетокот на министерскиот самит на ОБСЕ се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ова е единствената досега средба на некој од европските министри кои учествуваат на овој глобален собир со партиски претставници.

Сосем јасно, тоа е порака на Будимпешта до нејзината исклучително блиска партија во Македонија дека не е заборавена. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ г.Христијан Мицкоски денес, заедно со потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ г.Владо Мисајловски и г.Тимчо Муцунски оствари средба со министерот за надворешни работи на Унгарија г. Петер Сјарто.

Според партиското соопштение од средбата Мицкоски посочил дека „Македонија е предолго надвор од ЕУ, меѓу другото и поради неразумни билатерални пречки со што сериозно се разнишува и кредибилноста на самиот интегрирачки процес и со право се зголемува чувството за двојни аршини кога станува збор за стратешките евроинтегративни процеси.

Македонија со сите свои недостатоци во поглед на реформи и политики сепак споредено со други држави кои веќе се членки на Европската Унија, заслужува напредок кон остварување на оваа неспорна стратешка цел членство во Европската Унија“.

Сијарто и Мицкоски разговарале и за економската ситуација и инфалцијата и реформите.