Унгарскиот кредит во „зимски сон“ – кога компаниите ќе може да аплицираат

Од Владата велат дека до крајот на овој месец се завршуваат сите технички процедури и кредитната линија ќе стане оперативна па компаниите ќе можат да аплицираат


 

Компаниите сѐ уште не можат да аплицираат за долгонајавуваните и долгоочекуваните евтини кредити од унгарскиот заем кои треба да бидат замаец за македонската економија. Засега се знае само дека до крајот на месецов би требало да се завршат техничките процедури, барем така најавија од Владата.

Но, сѐ уште не се знае колку и кои банки ќе учествуваат во процесот на одобрување на кредитите, бидејќи, како што се дознава од кругови блиски до владата, тие сѐ уште немаат добиено ништо „црно на бело“ од Развојната банка. Она што е познато, и за што известија и дел од медиумите, е дека Владата ја проширила намената на средствата и за зелени кредити, односно за инвестиции во обновливи извори на енергија.

„До крајот на овој месец се завршуваат сите технички процедури и кредитната линија ќе стане оперативна со што компаниите ќе може да ги користат средствата преку банките“, одговорија од Владата на прашањето на „Независен“ до каде е постапката и кога се очекува компаниите да почнат да аплицираат за 250-те милиони евра кои беа наменети за стопанството по каматна стапка од 1,95 отсто, како и колку банки се вклучени во процесот и за кои намени ќе може фирмите да аплицираат.  

Од Владата посочуваат дека средствата од кредитната линија се за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва, како и дека ќе бидат наменети за финансирање на инвестиции во основни средства на приватните трговски друштва.

„Како што информиравме, сите банки се вклучени во процесот, што уште еднаш ја потврдува заложбата на Владата за носење одлуки со консензус и кои се во интерес на граѓаните и бизнисот“, ни одговорија од прес-службата на Владата.

Инаку, портпаролката на Владата Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање денес на прес-конференција рече дека како Влада најавиле дека до крајот на јануари се очекува кредитната линија да стане оперативна.

„Тоа е веќе следната недела и очекувам на таа владина седница сите овие процедури да бидат завршени со што компаниите ќе може да ги користат овие финансиски средства“, рече Митева.

Сепак, дури и да се запазат овие најнови рокови, средствата од унгарскиот кредит за стопанството нема да стигнат до оние на кои им се потребни со динамиката со која што се најавуваше. Ваквото разочарување од доцнењето во еден момент го искажа и премиерот Христијан Мицкоски, кој во преговорите со банките настапи прилично тврдо, убедувајќи ги да ја намалат каматната стапка од првичните 3,25 отсто на 1,95 отсто, колку што ќе биде трошокот на фирмите кон банките. Вкупната цена на кредитот, како што е познато, ќе биде поголема, бидејќи каматната стапка од 3,25 отсто, по која државата се задолжи кај унгарската Експорт импорт банка, ќе падне на товар на Буџетот, односно на сите даночни обврзници во земјава.

Дел од економистите со кои разговаравме, велат дека средствата од унгарскиот кредит наменет за компаниите, нема да можат да се стават на брза лента како што посакува Владата. Тие укажуваат на неопходноста, откако банките ќе го добијат конечниот предлог-договор од Развојната банка, тој да биде разгледан од нивните служби и потоа да биде одобрен од управните или од надзорните одбори. На ова и претходно укажуваа од банкарскиот сектор, посочувајќи на фактот дека за вакви постапки кај дел од банките во земјава, коишто се во странска сопственост, можеби ќе биде потребно и формално одобрување од мајките-банки, што може да одземе уште одреден период.

Сево ова укажува дека фирмите нема да ги добијат средствата „уште утре“, бидејќи, откако ќе  завршат сите формалности на релација Влада – Развојна банка – деловни банки и откако ќе бидат познати сите услови, дури тогаш компаниите ќе може и официјално да приложат барање до банките за кредит. Таквото барање, пак, ќе мора да помине низ процес на разгледување и одобрување од страна на банките, кои сигурно нема да прогледуваат низ прсти, бидејќи тие го преземаат и ризикот од евентуално одобрување на кредит кој ќе се покаже како лоша инвестиција, односно нема да биде вратен.

Компаниите ќе може да аплицираат за кредити од оваа кредитна линија во износ до 10 милиони евра и со 20 отсто сопствено учество, со грејс период до три години. Рокот на отплата е до 15 години.

Иако стопанствениците постојано укажуваат дека средства им се неопходни за да го заживеат производството и дека им се потребни што побрзо, минатата недела од Стопанската комора изјавија дека не им пречи ваквото забавување, како и дека за нив е поважно што со преговорите успеале да го добијат тоа што го барале за компаниите. Односно, дека за средствата од кредитот ќе може да конкурираат сите компании доколку ги исполнат критериумите.

Изминатиот период исто така беше збунувачка и изјавата дека кредиот ќе може да се користи и за финансирање на трговски центри, што е сосема поинаква намена од првичната кога беа посочувани производствени објекти како и дека услов ќе биде зголемување на производството и извозот. Дали ова ќе остане како можност и во конечните договори со банките останува непознато.

Она што се знае е дека со заклучок на Владата сега кредитите од унгарскиот зем ќе може да се користат и за финансирање на проекти за обновливи извори на енергија.

Банкарите сметаат дека ова нема да го наруши постојниот концепт и дека секоја финансиска поддршка со која ќе се унапреди производството на зелена енергија во земјата е добредојдена.

„Ниту една кредитна линија која нуди поволни услови за финансирање на производство на зелена енергија не треба да се гледа како нарушување на постојните состојби“, велат од Македонската банкараска асоцијација, од каде што додават дека нашата земја значително заостанува во овој сегмент и има многу простор за унапредување и зголемување на производството на овој вид енергија.

„Во таа смисла, сакаме да истакнеме дека  кредитна линија која има каматна стапка од 1,95% за крајниот корисник е можеби еден од ретките начини државата да помогне во зелената транзиција, особено што одредени проекти, како на пример ветерните паркови се исклучително комплексни за реализација и финансирање, така што единствен начин успешно да се реализираат во делот на изградбата и инсталацијата е да постои државна поддршка“, велат од МБА.