Унгарската влада би можела да ги истисне странските трговски синџири


Унгарската влада би можела да прибегне кон протекционистички политики за да ги истурка странските трговски синџири надвор од пазарот, рече парламентарецот на Фидес, Јанош Лазар, на конференција во Будимпешта, пренесува регионалниот портал СЕЕбиз.

Лазар, кој беше шеф на кабинетот на премиерот Виктор Орбан во минатиот мандат, го рече ова на конференција за земјоделскиот сектор организирана од престижниот унгарски портал Портфолио.

Неговиот говор се фокусираше на потребата за независност и самоодржливост во земјоделскиот сектор во постпандемискиот период.

„Идните планови на владата вклучуваат и потиснување на странските трговски синџири, за што ќе се води отворено протекционистичка политика. Треба да бидете офанзивни, затоа што мора да постои унгарска национална малопродажба, доминацијата на пазарот е во [наш] сопствен интерес“, рече тој.

Ова не е првпат таков план да биде предложен од Фидес или од владини претставници. Самиот премиер Виктор Орбан претходно изјави дека ова е еден од стратешките сектори во кои би била пожелна мнозинска унгарска сопственост. Дури се преземени чекори во таа насока, а некои сè уште се на сила (забрана за градење трговски центри), додека други пропаднаа или се одложени.