Унгарската опозиција се обедини во обид да го победи Орбан


Шест унгарски опозициски партии објавија во неделата дека ќе учествуваат заедно на парламентарните избори во 2022 година во обид да ја победат владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан.

Опозициските партии – во кои спаѓаат левичарската Демократска коалиција, десничарскиот Joбик и либералниот Мементум – ќе се обединат зад еден кандидат за премиерската функција, ќе учествуваат на заедничка изборна листа и ќе се координираат во секоја од 106 изборни области во земјата, велат во соопштението.

Европратеникот Клара Добрев, член на Демократската коалиција, која е потпретседател на Европскиот парламент, го нарече договорот „историски момент во политиката“.

Неодамнешните анкети на јавното мислење покажаа дека здружената опозиција може да го победи моќниот премиер на земјата. Истражувањето објавено овој месец од анкетарот „Медијан“ покажа дека популарноста на Фидес кај Унгарците падна од 40 проценти во јуни на 32 проценти. Друга анкета, спроведена од „Завеч рисрч“, открива дека Фидес има поддршка од 30 проценти од сите возрасни и 45 проценти од оние кои знаат за кого ќе гласаат.

Целта на опозицискиот сојуз е да создаде „независна, жива и горда Унгарија“, напишаа партиите, додавајќи дека секоја опозициска партија се обврзала да не номинира кандидати кои се занимавале со коруптивни практики или соработувале со Фидес. Лидерите на шесте партии исто така ветија дека „ќе стават крај на властите што ги свртуваат Унгарците едни против други“.

По последните парламентарни избори во 2018 година, набудувачите од ОБСЕ заклучија дека изборите „се карактеризираат со сеопфатно преклопување помеѓу ресурсите на државата и владејачката партија, поткопувајќи ја можноста на кандидатите да се натпреваруваат на еднаква основа“ и дека „гласачите имаа широк спектар на политички опции, но застрашувачката и ксенофобична реторика, пристрасноста во медиумите и матното финансирање на кампањата го ограничија просторот за вистинска политичка дебата, попречувајќи ја можноста на гласачите да направат целосно информиран избор“.

Опозициските политичари сега велат дека единствена шанса за успех е здружување на целиот политички спектар.

Европратеничката Каталин Чех, членка на опозициската партија Моментум и потпретседател на групата Обнови ја Европа, рече по објавувањето дека различните групи се здружиле затоа што „ние мора да ги оставиме своите разлики настрана“.

„Единствената шанса да ја смениме владата е да работиме заедно“, рече таа. (Според агенциите)