Унгарија привлече рекордни 13 милијарди евра инвестиции


Во 2023 година Унгарија привлече инвестиции во износ од рекордни 13 милијарди евра, објави денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.

Според него, светската економија се соочила со „многу сериозна криза“ бидејќи нивото на светските инвестиции паднало за 12,5 отсто од 2021 до 2022 година, а во првата половина на 2023 година е забележан дополнителен пад од 30 отсто, пренесува агенцијата МТИ. .

Сијарто истакна дека, и покрај негативните светски трендови, Унгарија привлече 6,5 милијарди евра странски инвестиции во 2022 година и повеќе од 13 милијарди евра во 2023 година, со поддршка на унгарската влада во износ од две милијарди евра.

Инвестициите отворија рекордни 19.000 работни места во земјата, рече унгарскиот министер.

Кина беше најголемиот странски инвеститор во Унгарија минатата година, а втората по големина група инвеститори се домашните компании, што значи дека Унгарија сега има силен бизнис сектор кој може да се натпреварува со странските инвеститори, нагласи Сијарто.

Унгарија е победник на „новата ера на глобалната економија“ бидејќи привлече многу инвестиции од индустријата за електрични возила кои ќе ја дефинираат новата ера, заклучи Сијарто, пренесува Танјуг.

Кинескиот производител на електрични автомобили „BYD“ ќе ја гради својата прва европска фабрика во унгарскиот град Сегедин, објавија медиумите во декември.