Унгарија ќе продолжи да ја блокира помошта за Украина


Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто

 

Унгарија ќе продолжи да ја блокира исплатата на новата транша од воената помош на ЕУ за Украина сѐ додека Киев не ја тргне унгарската ОТП банка од листата на меѓународни спонзори на руската инвазија, изјави во Виена унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

По средбата со шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг, Сијарто неодамнешното вклучување на ОТП банка на украинската листа го нарече „скандалозно и неприфатливо“ и додаде дека Унгарија нема да одобри исплата на 500 милиони евра од Европскиот мировен фонд на ЕУ сѐ додека банката не е отстранета од неа.

„Не можеме да поддржиме доделување на уште половина милијарда евра од Европскиот фонд за мир за трансфер на оружје во Украина и нема да дадеме зелено светло за тоа се додека ОТП банка е на списокот“, рече Сијарто.

Овој месец, украинската државна агенција за спречување на корупцијата ја означи ОТП банка како меѓународен спонзор на руската војна против Украина поради нејзиното постојано присуство во Русија, што предизвика остра реакција кај унгарските власти.

Откако банкарската групација ОТП беше вклучена во списокот, нејзината украинска филијала објави дека „драстично го намалила своето присуство на рускиот пазар“ и дека нејзиниот пазарен удел паднал на само 0,17 отсто.

Односите меѓу Унгарија и Украина, две соседни земји, се затегнати поради одбивањето на Будимпешта да достави оружје во Киев или да дозволи негово пренесување преку нивната заедничка граница.

Унгарската националистичка влада на Виктор Орбан, која одржува блиски врски со Москва, се спротивстави на санкциите на ЕУ против Москва и се обиде да ја зацементира зависноста на Унгарија од руските фосилни горива откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Искористувањето на средствата од Европскиот фонд за мир бара едногласна согласност од сите земји-членки на ЕУ. Во тој фонд за периодот 2021-2027 г. има 5,7 милијарди евра, од кои 3,6 милијарди се исплатени за воена поддршка на Киев од почетокот на руската инвазија, наведува Франс прес.