Унгарија ќе изгуби една милијарда евра од ЕУ до крајот на годинава, но ќе ни даде уште 500 милиони
Владата на Орбан нема пари да го закрпи буџетскиот дефицит, но за пријателите од ВМРО-ДПМНЕ мора да се најдат уште 500 милиони евра заем
Унгарија е на работ да загуби една милијарда евра од парите на ЕУ кои беа замрзнати поради прекршување на владеењето на правото.
Европската комисија задржува над 16 милијарди евра грантови за посиромашните региони, како и економската помош по ковидот за да го поттикне растот, како дел од напорите да се изврши притисок врз десничарскиот лидер Виктор Орбан да ги измени реформите кои нашироко се сметаат за антидемократски.
И доколку Унгарија не може да спроведе 17 мерки и да добие одобрение од Европската комисија до 31 декември – само овој чекор вообичаено трае со месеци – околу 1 милијарда евра во готовина од ЕУ за посиромашните региони ќе бидат исчезнати засекогаш за земјата.
Нејзините напори досега не ја постигнаа целта. Новиот комесар за буџет, Пјотр Серафин, рече дека потезите на Унгарија за деблокирање на финансирањето „не се баш она на што се надевавме“ по состанокот минатиот вторник со Јанош Бока, унгарскиот министер за европски прашања.
Но загубата на овие големи пари не ја спречува владата на Орбан да ѝ додели кредит на Македонија од дополнителни 500 милиони евра по ниска камата во рамките на договорот што е склучен по принципот влада со влада.
Премиерот Христијан Мицкоски синоќа на МТВ изјави дека вчера на владина седница поминале новите 500 милиони евра од Унгарија, кои ќе бидат наменети за раздолжување на еврообврзницата земена во 2018 година и рече дека владата се раздолжува од обврските кои се наследени.
„Денеска по долги и напорни преговори на владина седница помина и вториот дел од унгарскиот кредит, вторите 500 милиони евра. Ние пред избори зборувавме за 1 милијарда, кога ги обезбедивме првите 500 милиони бевме обвинувани дека биле само 500, каде се другите, а ние викавме бидете трпеливи, не сакаме уште од сега да ја истрошиме и оваа втора половина бидејќи ќе треба да плаќаме камата. Ќе ја затвориме оваа зделка кога ќе биде потребна, а тоа е сега затоа што на 25 јануари истекува рочноста на еврообврзницата која е земена во 2018 година од претходната влада и потребни се 500 милиони евра да се врати таа еврообврзница“, рече Мицкоски.
Мицкоски не ја зборува вистината дека пред изборите во кампањата најавувал една милијарда евра „по исклучително поволни услови“, туку тоа го кажа на 9 мај еден ден по победата во емисијата „Само интервју“ на Канал 5. Мицкоски тогаш не објасни ниту за која држава станува збор, ниту за кој економски сектор ќе се користат парите, ниту пак во кое својство тој преговарал со странска држава имајќи предвид дека тогаш немаше никаква државна функција. Подоцна се испостави дека тоа е Унгарија.
Премиерот синоќа рече дека кога денеска би излегле со нашиот кредитен рејтинг ние не можеме да очекуваме еврообврзница пониска од 6 отсто, а сега добиваме заем со 3,25 проценти.
Според неговите пресметки поради рочноста од 15 години на овие 500 милиони евра заштедата ќе биде 200 милиони евра. „Ќе се задолжиме за да се раздолжиме, односно идните влади и генерации ќе немаат еврообврзница да враќаат“.
Од претходните 500 милиони евра заем од Унгарија половина ќе се користат за проекти за општините, а другата половина ќе биде наменети за бизнисот.
Додека владата на Орбан ѝ дава пари на владата на Мицкоски, таа не знае како да ја закрпи дупката од парите од ЕУ што изгледа нема да дојдат. Во април годинава унгарската влада се задолжи една милијарда евра во Кина за необјаснета намена.
Реформите што Унгарија треба да ги заврши за да ја убеди ЕУ да го ослободи финансирањето вклучуваат промени во нејзиното законодавство за антикорупција и судир на интереси.
Секоја земја има рок од две години да побара назад финансирање што беше задржано од Комисијата, според правилата на ЕУ. Унгарија е изложена на ризик трајно да изгуби дел од регионалната готовина од буџетот за 2022 година, кој вреди повеќе од 1 милијарда евра.
„Тоа се многу пари за секоја земја, но особено за Унгарија“, рече дипломат на ЕУ во изјава за „Политико“. Новиот комесар за буџет Пјотр Серафин рече дека потезите на Унгарија за деблокирање на финансирањето „не се баш она на што се надевавме“.
Економскиот раст во Унгарија е далеку под просекот на ЕУ, додека нејзиниот државен дефицит како дел од БДП (5,4 проценти оваа година) е меѓу највисоките во блокот.
Има една добра вест за Унгарија околу ослободувањето на замрзнатите средства. Будимпешта е на пат да деблокира дел од финансирањето на ЕУ што беше замрзнато поради наводните прекршувања на академската слобода. За пристап до фондовите за размена на студенти Еразмус и грантови за истражување, Будимпешта се согласи да ги отстрани политичките личности од јавното тело кое ги надгледува повеќето универзитети. Но, Европската комисија ги отфрли сугестиите дека овие промени може да влијаат на преостанатиот дел од замрзнатите средства. „Ова известување не се однесува на замрзнатите средства за Кохезија и РРФ (пост-ковид)“, напиша Серафин во вторникот.
Но големото партиско и друго пријателство меѓу видните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и партијата Фидес на Орбан како да нема граници. Владата во Будимпешта може да губи милијарди евра од фондовите на ЕУ, може да се бори со инфлацијата и буџетскиот дефицит, може да е вознемирена од податоците од анкетите кои покажуваат дека партијата Тиса на Петер Маѓар го прескокна Фидес, но договорот е договор и една милијарда евра за владата на Мицкоски мора да се најдат. Се разбира, ако тоа навистина се унгарски пари, како што многумина се сомневаат. (Љ.П.)