Унгарија испрати жалба во Брисел против бугарската такса за гасот


 

Европската комисија ја проучува жалбата поднесена од Унгарија против бугарската такса за увоз и пренос на природен гас, објави во понеделникот нејзиниот портпарол.

Во жалбата, поднесена во петокот, се повикува Европската комисија, која е одговорна за спроведување на европското право, да преземе мерки против Софија за укинување на таксата.

На 16 октомври бугарската влада воведе данок за увоз и пренос на природен гас преку „Турски тек“, објаснувајќи дека цел е да ги намали приходите на „Гаспром“. Сепак, клиентите на руската компанија – Унгарија, Србија и Македонија – се спротивставија на оданочувањето поради зголемувањето на трошоците за испорака.

Од трите земји, само Унгарија, како членка на ЕУ, има вистинска моќ да изврши притисок врз Софија пред Брисел. Во писмото од Будимпешта од Европската комисија се бара да започне прекршочна постапка, објасни министерот за европски прашања Јанош Бока во објава на „Фејсбук“, цитиран од Ројтерс.

Унгарија, која го добива најголемиот дел од потребниот гас од Русија преку гасоводот „Турски тек“ од југ, рече дека таксата ќе ја загрози безбедноста на енергетските испораки и во Унгарија и во Србија. Додека земјите во Западна Европа се откажуваат од рускиот гас, Унгарија без излез на море добива најмалку 4,5 милијарди кубни метри гас годишно од Русија преку рутата преку Бугарија и Србија.

Бока рече дека Унгарија верува дека новата бугарска такса е против правилата на ЕУ за внатрешните пазари, царинската унија и заедничката трговска политика. Министерот додава дека доколку Брисел не преземе нешто, Унгарија ќе го упати случајот до судот на ЕУ пред крајот на годината.

Во понеделникот портпаролот на Комисијата изјави дека веќе побарале информации од Софија и Будимпешта и дека во моментов различни служби на институцијата ги проучуваат за да утврдат дали има прекршување на европските правила.

Комисијата претходно соопшти дека давачката е „национална мерка“ која не е поврзана со санкциите наметнати на Русија поради војната во Украина.

Во Бугарија, претседателот Румен Радев исто така ја нападна таксатат, барајќи од Уставниот суд да се произнесе дали таа не влијае на европските барања, кои имаат надмоќ над бугарскиот закон.

Во меѓувреме, Србија во наредните денови ќе ги заврши градежните работи на делот од гасниот интерконектор со Бугарија од Ниш до Димитровград, јави српската РТС. Ќе следат тестови за да може гасоводот да профункционира до крајот на годината.