Унгарија и Романија го прошируваат капацитетот на гасниот интерконектор


Унгарија и Романија преговараат за зголемување на капацитетот на гасниот интерконектор на нивните граници на повеќе од три милијарди кубни метри гас годишно, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Според него, планираното проширување на увозниот капацитет преку Романија ќе ја подобри безбедноста на снабдувањето и ќе обезбеди рута за можен иден увоз на гас од Грција, Турција или Азербејџан.

– Напредувавме во дискусиите за значително проширување на капацитетот на интерконекторот што ги поврзува мрежите за природен гас на Романија и Унгарија, рече Сијарто на заедничката прес-конференција во Букурешт со неговиот романски колега.

Тој наведе дека капацитетот на интерконекторот, кој може да пренесува 2,6 милијарди кубни метри гас годишно во Романија и 1,7 милијарди кубни метри годишно во Унгарија, првично ќе се зголеми на 2,5 милијарди кубни метри, а подоцна на повеќе од три милијарди кубни метри метри. Тој не ја прецизираше временската рамка за реализација на проектот.

Според долгорочниот договор со руски Газпром потпишан минатата година, Унгарија добива 3,5 милијарди кубни метри руски гас годишно преку Бугарија и Србија и уште една милијарда кубни метри гас преку гасоводот од Австрија. Договорот беше потпишан на 15 години.

Русија вети дека ќе продолжи со испораките на гас за Унгарија и дека Газпром ќе ги исполни своите договорни обврски кон земјата, рече Сијарто минатиот месец.

Унгарија зависи околу 85 отсто од увозот на руски гас.