Унгарија ги разреши метеоролозите. Најавија дожд, огнометот се одложи, не заврна

„Најголемиот огномет во Европа“ беше закажан за сабота навечер во Будимпешта, на денот на Свети Стефан, националниот празник на Унгарија.


 

Унгарските власти ги отпуштија шефовите на метеоролошката служба откако погрешно беше најавено лошото време, поради што беше одложен големиот огномет, јавува Би-би-си.

„Најголемиот огномет во Европа“ беше закажан за сабота навечер во Будимпешта, на денот на Свети Стефан, националниот празник на Унгарија. Планирано е да се испукаат 40.000 парчиња пиротехника од 240 точки распослани на 5 километри долж Дунав.

Но, седум часа пред почетокот на церемонијата, владата ја одложи за следната недела поради лошите временски услови. Времето на крајот остана стабилно, поради што беа разрешени првиот човек и заменик-шефот на метеоролошката служба.

Метеоролошката служба во неделата се извини за погрешната прогноза, велејќи дека „најмалку веројатно“ сценарио се остварило и дека неизвесноста е составен дел на метеорологијата.

Министерот за иновации, Ласло Палковиќ, во понеделникот ги разреши своите лидери, пишува Би-Би-Си.