Унгарија ги плаќа своите заеми поскапо од кредитот за Македонија. Мистерија е зошто

Владата на Унгарија молчи за кредитот за Македонија. Таа своите државни обврзници ги издава со камата од над 6 отсто, значи дека поскапо го финансира својот долг


Двајцата премиери и нивните соработници ги договараат деталите од кредитот во Вашингтон

 

Официјалните владини лица во Унгарија молчат за начелниот договор што двајцата премиери, Виктор Орбан и Христијан Мицкоски, го склучија во Вашингтон за кредитот од 500 милиони евра. Нема никаква информација за оваа зделка од многу пари.

Унгарскиот магазин „Маѓар наранч“ пишува дека Орбан „не мавта со ентузијазам, но неговиот пријател и колега, македонскиот премиер Христијан Мицкоски, не се двоумеше да најави дека земјата ќе добие заем од 500 милиони евра од унгарската држава. Двајцата добри пријатели си подадоа рака на самитот на НАТО во Вашингтон и го финализираа договорот“.

Договорот, според Мицкоски, предвидува дека заемот ќе се отплаќа со каматна стапка од 3,25 отсто, со грејс период од три години, со вкупен рок од 15 години.

Она што е најмистериозно во целата зделка е што каматната стапка е пониска од онаа по која се задолжува унгарската држава или обврзниците што ги издава веројатниот заемодавач, државната Ексим банка. „Маѓар наранч“ пишува дека целата зделка е мистериозна и во неа не може да се најде некоја економска оправданост и веројатно затоа и владините претставници и Ексим банката молчат. Главното прашање е какви бенефиции ќе има Унгарија од овој договор за кредитот.

Што пишува „Маѓар наранч“:

„Оваа каматна стапка од 3,25 е дури и пониска од она што Ексим банката го плаќа за своите издадени обврзници или од она што државата го плаќа како камата на која било обврзница или заем. Според податоците на Центарот за управување со државниот долг, на последните аукции годишната каматна стапка на 15-годишните и 20-годишните државни обврзници беше над 6 отсто, додека пократките рочности можеби биле под 6 отсто. Тоа значи дека унгарската држава поскапо го финансира сопствениот долг отколку што дава кредит за Северна Македонија.

Каков бизнис има во ова Унгарија е мистерија. Во секој случај, во рамките на соработката меѓу двете земји, може дури и да обезбеди дополнителна поддршка на балканската земја, доколку ѝ е потребна на македонската економија. На овој начин, на крајот може да се соберат една милијарда евра. За ова не треба да се сомневаме, само затоа што македонската влада би била глупава да не побара заем што не може да го добие поевтин од под никакви околности.

Унгарската држава и лично Виктор Орбан станаа најблиски сојузници на партијата на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ, во последните 15 години. Според изјавата на Мицкоски, Фидес многу помогнал во подготовката на изборната програма лани во мај, а каде е крајот на циклусот“.

Магазинот пишува дека кога прв пат Мицкоски објави дека според договорот влада-совлада Македонија ќе добие кредит од милијарда евра од една пријателска земја од ЕУ унгарската Ексим банка не ја потврди оваа зделка, но ниту ја демантираше. „Во принцип, ова убаво би се вклопило во профилот на Ексим, бидејќи банката веќе обезбеди сличен пријателски заем: во 2021 година, исто така, ја поддржа владата на босанскиот Србин Милорад Додик, кој оттогаш исто така победи на изборите, со 45 милијарди форинти (116 милиони евра)“.

Според „Маѓар наранч“, „и тогаш за договорот не известуваше финансиската институција, туку весниците на босанските Срби. Фактот за трансакцијата конечно беше потврден врз основа на финансиските извештаи на банката, но договорот не може да се најде меѓу трансакциите на Ексим – за разлика од голем број други заеми на трети земји воспоставени на сличен принцип“.

Според зборовите на премиерот Мицкоски, 250 милиони евра од овој кредит се директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3,25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. „Македонската економија ќе добие услови кои што до сега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти коишто ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните“, рече Мицкоски во Вашингтон. (Н.В.)

Што добива Унгарија ако ѝ даде една милијарда кредит на Македонија?