Унгарија би можела да создаде услови за воведување на еврото до 2030 година


 Економскиот тим на партијата Тиса, која победи на неодамна одржаните парламентарни избори, денеска објави дека Унгарија би можела да ги исполни условите за воведување на еврото во рок од четири години.

Андраш Карман, кој е одговорен за финансиите во Тиса, изјави дека е потребно детално да се разгледа фискалната состојба на земјата и да се спроведат консултации пред да се утврди точниот датум за воведување на заедничката европска валута, нагласувајќи дека реалниот рок би можел да биде 2030 година, со можност тоа да се случи уште порано доколку се исполнат условите.

Тој, пренесува унгарски Телекс, додаде дека стабилноста на цените е меѓу клучните критериуми за приклучување кон Еврозоната, но дека Тиса не планира да го постигне тоа со административни ограничувања на цените, оценувајќи ги таквите мерки како неодржливи во пазарната економија на долг рок.

„Целта е постепено да се укинат ваквите интервенции, но на начин што нема да ги оптоварува граѓаните“, рече Карман, наведувајќи дека ограничувањето на трговските маржи за прехранбени и лековити производи би можело привремено да се продолжи.