УНЕСКО сака да ја стави Венеција на листата на загрозено наследство


Експертите на УНЕСКО препорачаа Венеција и нејзината лагуна да бидат ставени на списокот на организацијата за загрозено наследство, наведувајќи дека градот се соочува со бројни закани.

„Ефектите од континуираното влошување поради интервенциите на човекот, вклучително и континуираниот развој, ефектите од климатските промени и масовниот туризам се закануваат да предизвикаат неповратни промени на извонредната универзална вредност на локацијата“, предупредија во понеделникот експерти од агенцијата на Обединетите нации.

УНЕСКО се надева дека со вклучување на Венеција на листата на загрозено наследство, ќе поттикне поголема посветеност на локалното население, националните и меѓународните актери да развијат ефективни и одржливи стратегии за помош.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ќе ја разгледа оваа препорака за време на состанокот во септември. Две години претходно Комитетот отфрли слична препорака на експерти за ставање на Венеција на таканаречената црвена листа.

Од 1987 година, Венеција и нејзината лагуна се на листата на УНЕСКО за образовно, научно и културно светско наследство. Во Венеција со децении се повторуваат поплави, особено во есенските и зимските месеци, иако градот, кој се справува и со масовен туризам, сега има систем за заштита од поплави.