УНЕСКО: Поради војната во Украина, загрозено светското наследство


Десетици вредни цркви, историски локалитети и музеи се оштетени во војната во Украина, а особено загрижувачка е ситуацијата во северниот град Чернихив, соопшти УНЕСКО.

Минатиот месец, УНЕСКО ги засили мерките за заштита на загрозените културни богатства на Украина со користење на знакот „Син штит“ за обележување на културните места и споменици.

„Многу сме загрижени за ситуацијата во Украина, на хуманитарно и културно ниво. Наследството на човештвото е под закана“, рече Ернесто Отоне, помошник генерален директор за култура на УНЕСКО.

Според прелиминарниот список, целосно или делумно се уништени 29 верски објекти, 16 историски објекти, четири музеи и четири споменици.

Шефот на УНЕСКО Одри Азуле му напиша на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на почетокот на март дека Русија е потписничка на конвенцијата за заштита на културните богатства за време на војната.

Москва најави намалување на интензитетот на воените операции во близина на Киев и блискиот Чернихив.