УНЕСКО ја стави Одеса на списокот на културно наследство, Русија ја нападна по 24 часа


 

Бранот руски воздушни напади во четвртокот ја оштети енергетската инфраструктура во јужниот украински регион Одеса, предизвикувајќи „големи проблеми со снабдувањето со електрична енергија“, рече регионалниот гувернер Максим Марченко на Телеграм.

„Има удари и оштетувања на неколку објекти на енергетската инфраструктура во регионот Одеса и други региони на земјата“, напиша Марченко.

Ударите се случија помалку од 24 часа откако историскиот центар на регионалната престолнина, пристанишниот град Одеса, беше додаден на листата на светско наследство од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).

Шефот на УНЕСКО Одри Азуле изјави дека се надева оти овој потег ќе помогне да се заштити градот од војната.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во четвртокот рече дека нападот бил одговор на списокот.

„Меѓу целите на денешниот масовен ракетен напад, Русија ја погоди Одеса предизвикувајќи големи прекини на електричната енергија“, напиша Кулеба на Твитер. „Ова уништување е одговорот на Путин на тоа што УНЕСКО ја впиша Одеса на списокот на светско наследство вчера и ја стави под засилена заштита на списокот за светско наследство во опасност“.

Наводно, повеќе од 30 руски проектили биле лансирани кон Украина во четвртокот наутро, само неколку часа откако беа соборени дваесетина нападни беспилотни летала.

Пријавени се ракетни напади во украинскиот главен град Киев и во регионите Одеса и Виница.