УНЕСКО два дена ќе ја скенира состојбата во Охрид


Фото: Б. Грданоски

Реактивната мисија на УНЕСКО од денеска па во наредните два дена ќе ја скенира состојбата во Охрид за да ја утврди фактичката состојба на терен, а ќе ги посети и сите засегнати институции, по што ќе донесе заклучоци по кои ќе треба државата да постапува.

„Реактивната мисија која што ни беше предвидена и како една задача кога во септември добивме извештај дека го задржуваме нашиот статус, охридскиот регион дека останува на листата на заштитени добра на УНЕСКО меѓутоа следеа неколку чекори кои ние мораше да ги направиме. Првата беше да поднесеме нов ревидиран план за заштита на охридскиот регион, што ние го направивме. Второто беше да донесеме нови измени во законот за заштитување и управување на старото градско јадро на Охрид, и тоа го направивме и тоа е веќе во собраниска процедура“ посочи министерката.

Оваа мисија или еден дел е нешто што секоја земја која е на таа листа на која што се гледа дека се бори со одредени по тешкотии и проблеми.

„Таа мисија доаѓа и ги посетува сите засегнати места особено во овој случај охридскиот регион. Прави извештај и ние после тој извештај треба да реагираме односно сите засегнати страни мора да ги известиме дека треба да исполнат одредени очекувања или задачи. Точно е дека ова е сложен процес во кое не е само министерството за култура, туку министерството за просторно планирање, тука се вклучени и општините, тука се вклучени и институциите кои се занимаваат не само од областа на заштита на културно наследство туку и од областа за заштита на животна средина. И најголемиот проблем кој што беше наследен е од донесувањето на првиот закон за прогласување на охридското старо јадро за заштитено од 2010 година комисијата која требаше да одлучува по однос на предмет и беше тангирана во 2018-2019 година. Што значи дека тој вакум од 9 години беше навистина многу долг и во тој период се донесоа многу закони кои воопшто не се консултирани со законите кои што владеат во охридскиот регион. Полека, полека тие закони ги усогласуваме што не е лесен процес но имаме некој напредок“ посочи Костадиновска Стојчевска, вчера, во интервју за „Слободен печат“. 

Според новите измени во законот за заштитување и управување на старото градско јадро на Охрид, се предвидува забрана на нови градби. До донесување на новите детални урбанистички планови, не ќе може да се градат нови објекти, доградби и надградби во Старото градско јадро на Охрид со цел да се заштити споменичкото наследство и да се задржи автентичниот карактер на овој дел од градот.