УМПАКИ со повик за млади лица од 10 до 18 години за изработка на концепт за видео игра


Во рамките на проектот „Видео игротека“, поддржан од Министерството за култура,  Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ) објавува повик за подготовка на концепт за видео игра на тема „ Зачувување на животната средина“.

Во подготовката на концептот за видео игра можат да учествуваат млади лица на возраст од десет до 18 години, со цел подигање на свеста за заштита на животната средина.

-Екологијата е тема која е актуелна и етичкиот однос кон животната средина е клучен за развој на едно општество, култура и економија, а истовремено младите се учат и како да ги користат новите технологии на креативен начин, велат од УМПАКИ.

Натпреварувачите ќе треба да смислат концепт за играта, да приложат минимум пет слики и нацрти (концепт артови или дизајни) за играта. Идеите ќе ги оценува стручно жири составено од програмери, гејмери, професори, а најдобриот концепт ќе добие награда – професионални гејмерски слушалки.

-Цел на проектот е да се промовира етички однос кон природата и ќе го потенцира овој проблем како многу важен и клучен за развој нa здраво општество и земја. Видео игрите кои се дел од активностите од проектот треба да послужат како алатки за подигање на општествената свест кај младите. Идејата е и младите да се запознаат со креативните можности кои ги нуди еден од најбрзо растечките нови медиуми, а тоа се видео игрите, истакнаа од Унијата.

Право да учествуваат на овој повик имаат тимови и индивидуалци кои можат да аплицираат најмногу со по два концепта за видео игри. Предлозите за игрите да се испраќаат на [email protected] најдоцна до 18 октомври 2020.