Уметноста на хартија не познава граници: Сергеј Андреевски со изложба во Солун
Во присуство на голем број посетители во петокот во Солун беше отворена самостојната изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски под наслов „Неизложени дела на хартија“, а делата во општинската галерија ќе бидат изложени до 29 април, јави дописничката на МИА од Атина.
Изложбата ја отвори генералниот конзул на Северна Македонија во Солун Дејан Ѓучиќ.
Во пресрет на изложбата Андреевски посочи дека поставката посочува на некој начин е продолжение на големото ретроспективно претставување со наслов „Хартии“ што се случи минатиот мај, во Музејот на македонската борба за самостојност, во Скопје. Изложбата беше ретроспектива на истражувањата на авторот врз различни видови хартија со различни материјали во изминативе 35 години. Тоа се дела од различни фази и тематски циклуси, почнувајќи од дела создадени уште во раните студентски денови (од 1983 г.) па се до последните патувањата на Сергеј низ светот. На оваа изложба беа претставени творби на хартија од римската фаза (слики, скици и цртежи создадени за време на студискиот престој на Андреевски во Рим, Италија, веднаш по завршувањето на ФЛУ во Скопје), нирнбершка фаза (слики, цртежи и скици од студискиот престој во Нирнберг, Германија), цртежи од Франција (од престојот и поддршката на азилот за диви животни “Le Refuge de l’Arche” и претстоите во “Cite Internationalle des arts”), цртежи од Јапонија (сликани на традиционална рачно изработена хартија, главно од прочуената семејна работилница Iwano), слики и цртежи од Америка, Тунис, Египет…
-Имено, голем дел од селектираните дела не можеа да бидат изложени во музејот, минатата година, заради лимитираниот простор. Токму тие дела ќе и бидат претставени на публиката во Солун. Создадени се на различни видови хартија – од обична, професионална и рециклирана Арш хартија, до рачно изработена јапонска хартија – Ваши, вели познатиот ликовен уметник, син на великаните на пишаниот и поетскиот збор – Петре М. Андреески и Светлана Христова Јоциќ.
Реализацијата на проектот е овозможена од Министерство за култура на Република Северна Македонија.
Во претходно интервју за „Независен“, Андреевски ни одговори на прашањето да ли има разлика меѓу уметноста насликана на хартија од онаа на платно?
-Нема! И во Лувр, постојат ремек дела на хартија, додека пак на улица секојдневно наидуваме на улични продавачи што нудат лоши слики на платно.
Разликата меѓу платното и хартијата, кај мене е повеќе во пристапот. На платното секогаш му приоѓам со поголем пиетет и респект, додека со хартијата се чувствувам многу послободен, повеќе спонтан. Би ја издвоил јапонската рачно изработена хартија којашто е буквално рамноправна со платното бидејќи наликува на свила. Не случајно, мојот јапонски ментор, Надајуки Хасегава, велеше: „Ова е душата на Јапонија!“, ќе каже познатиот уметник за „Независен“.