Уметник во Сиднеј со илјадници голи статисти ја подига свеста за рак на кожата


Австралија- Околу 2.500 голи волонтери позираа на утринското сонце на плажата Бонди во Сиднеј, Австралија, а идејата е на уметник кој сака да ја истакне важноста на лекувањето на ракот на кожата.

Инсталацијата е дизајнирана од американскиот фотограф Спенсер Туник, кој сака да ги поттикне Австралијците да одат на лекар на редовни прегледи и да ја проверуваат нивната кожа.

Австралија има пропорционално најголем број на луѓе со рак на кожа, според Светскиот фонд за истражување на ракот.

Волонтерите почнаа да се собираат на плажата од 3.30 часот по локално време за да бидат дел од инсталацијата, која беше спроведена во соработка со добротворната организација „Skin Check Heroes“ за време на Неделата за подигање на свеста за опасноста од рак на кожата.

„Имаме можност да ја подигнеме свеста за важноста на кожните проверки и чест ми е што имам можност да дојдам овде, да работам на моите уметнички дела и да го прославам телото и заштитата“, рече фотографот Туник, пренесе Ројтерс.

Брус Фишер, 77-годишен маж кој учествувал во снимањето, за агенцијата АФП изјавил дека „половина од својот живот го поминал на сонце и дека му биле отстранети два малигни меланоми од грбот“.

„Мислам дека тоа е достојна причина и ми се допаѓа да се соблечам на плажата Бонди“, додава тој.

Голотијата обично е забранета на плажа, но беше спроведена посебна легислатива за да се дозволи фотографирање. Оние кои учествуваа мораа да бидат целосно облечени до 10 часот за да избегнат парична казна, според The ​​Guardian.

На Туник не му е непозната голата фотосесија. Во 2010 година, тој собра 5.000 голи Австралијци пред Операта во Сиднеј во прослава на сиднејскиот геј и лезбејка Марди Грас, претходно објави Ројтерс.